Огласите за вработување во кои еден од условите е и припадност на одредена заедница, се стопираат. Откако Уставниот суд деновиве донесе одлука да ја преиспитува уставноста на таканаречениот Балансер, Министерството за јавна администрација излезе со насоки за неговата примена до конечната одлука на уставните судии.
Постапката за вработување си продолжува за огласите што не ги содржат спорните одредби, односно во кои не е наведена припадност на заедница, ниту, пак, кандидатите се обрзуваат да истакнат на која заедница припаѓаат. Во регистарот на вработени во јавниот сектор, нема да се евидентираат податоците за вработените во институциите.
Насоките следат откако уставните судии одлучија да отворат предмет за употребата на „балансерот“ при вработувањата во јавната администрација.
Повеќето уставни судии сметаат дека, со наведувањето на припадноста на заедницата, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
Додека да одлучат дали е уставен или не, „балансерот“ ќе биде замрзнат, што предизвика политички превирања и реакции, особено од партиите на Албанците во опозиција. Но, вицепремиерот Меџити токму нив ги обвинува за случувањата.
Наместо балансер, од „Вреди„ најавуваат Закон за правична застапеност, за кој ќе почне јавна расправа веќе од следната недела.