Се степаа пратеници во Народното бугарско собрание

На крајот од денешната седница во бугарското Народно собрание дојде до физичка пресметка меѓу пратениците, јавуваат бугарските медиуми.

Претседателот на Народното собрание Росен Желјазков, веднаш по пресметката предложи седницата да се прекине, а пленарната сала го одобри барањето и така пратениците си заминаа нешто пред 10:30 часот.

Пратеничката Искра Михаилова побара вториот мандат да му се врати на претседателот, бидејќи како што наведе таа, во ПП-ДБ има „предавници не само на сопствените зборови и гласачи, туку и на државата во целина“.

„Ако ја составите оваа апсурдна коалиција на обвинетите само за да им угодите на вашите претпоставени, бидете сигурни дека веќе следниот ден ќе ги повикаме сите наши избирачи, и вашите згрозени избирачи, да дојдат овде во Парламентот и, доколку е потребно, внатре во него, затоа што секое лицемерие и секое предавство има своја граница“, предупреди таа.

На ова потоа одговори пратеникот Јавор Божанков од ПП-ДБ, кој ги осуди тврдењата на опозицијата. Додека тој говореше, опозициските пратеници се насобраа околу говорницата, по што настана хаос. Дел од пратениците од владејачката коалиција се обидоа да го заштитат Божанков.