Со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството денеска во Основниот кривичен суд – Скопје продолжи судењето против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски. Тој заедно со уште 6 лица се товари за нелегалната набавка на софтвер.
На денешното рочиште беше сослушан сведокот Иван Чорбев, професор на ФИНКИ, кој додека бил Декан на факултетот потпишал меморандум за соработка со фирми кои го контактирале професорот Ивица Димитровски од ФИНКИ, за соработка за софтвер за процесирање слики и видео. Чорбев рече дека тогаш бил само „делумно, површно запознат“, а подетално се запознал откако во медиумите се пишувало за случајот.
– Не се интересирав многу зошто не е ништо невообичаено Факултетот да соработува со бизнисот. Постигнат е договор и известен сум за потпис, изјави Чорбев.
Тој посочи дека има потпишано над 400 меморандуми, кои сите не можел и не ги проверувал детално.
– Површно ги проверував од причина што верувам дека штом стигнале на биро значи ги поминале правните филтри и по површно читање од аспект дали има некои обврски и пенали за факултетот, без посебен интерес за фирмите сум ги потпишувал, изјави Чорбев.
Сведокот Кирил Самарџиоски, вработен како информатичар во Генерален секретаријат на Владата и член на Комисијата за евалуација на набавката на софтверот за определување на просечна брзина на возилата, рече дека тие ги оценувале само техничките аспекти од понудата.
– Во самата спецификација немаше техничка табела и од тој аспект немаше некој технички момент за евалуација. Имаше, како што се сеќавам, само една реченица дека ќе биде ставен во функција, изјави сведокот.
Тој посочи дека тој не учествувал во евалуација на софтверот за биометриска идентификација на лица.
На прашање од Рашковски, дали од него лично добил некакви напатствија или закани како да постапува при евалуацијата на понудата за софтверот, сведокот рече „не, немало такво нешто“.
Судскиот процес го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е Ивана Трајчевска.