Се разгорува кавгата во албанската опозиција: Куршумот пред вратата на Таравари отвори нови прашања

Додека трае длабоката разделеност во Алијансата за Албанците за тоа како да настапат на претстојните избори, во партијата почнаа закани, но и тупаници. Полицијата врши истрага кој му оставил куршум на Арабен Таравари пред вратата од неговата семејна куќа. МВР потврди дека зрното со калибар 7,62 милиметри е земено на вештачење.

Претходно, во неделата вечерта, со тупаници во ресторан бил нападнат Дритон Небиу, директор на Агенцијата за одземен имот. Тој му даде директна поддршка на Зијадин Села, кој не се согласува со ставовите на Таравари партијата да оди на избори во коалиција со опозицискиот Европски сојуз за промени.

Алијансата за Албанците најпрвин го осуди нападот на Небиу, а подоцна генералниот секретар Кренар Лога за куршумот пред домот на Таравари напиша

„Го осудуваме секој чин на насилство од кого било, исто како што денес го осудуваме кукавичкиот чин врз нашиот сопартиец Арбен Таравари. Насилството не е решение. Полициските органи нека го обелоденат случајот и виновниците да се изведат пред лицето на правдата. Сме биле многу пати заедно, треба да го одржиме достоинството пред членовите на нашите семејства.“

Контра Таравари застана експретседателот на партијата Зијадин Села со дел од министрите и пратениците во Собранието.

Коалицискиот партнер на Алијансата, СДСМ, се надева на брзо решавање на внатрешните проблеми во партијата со која дели министерски места.

Во следните денови треба да се одржи седница на партиското собрание по што би било појасно во кој правец ќе оди Алијансата на следните избори, самостојно или во коалиција, па дури и дали актуелниот претседател ќе биде сменет од челната функција.

На страната на Таравари се двајцата министри Азир Алиу и Фатмир Меџити, додека зад Зијадин Села се министерот Кренар Лога и потпретседателите на партијата Елми Азири и Илире Даути.