На грчкиот остров Родос утрово е нешто подобра ситуацијата во врска со пожарот во кој се уште гори шума на тешко достапни места.
Противпожарните единици и денеска се во целосна готовност, а ризикот од пожар во неколку области се уште е многу висок, додека пожарите во Атика и Лутракија се локализирани, соопшти Катимерини.
На Родос горат дрвја високи и до 15 метри, што го отежнува гаснењето на пожарот. Противпожарната служба соопшти дека пожарот што избувна вчера во шумска област во Лаконија е ставен под контрола и дека на терен се 52 пожарникари со 15 возила, а од воздух работат два авиони и еден хеликоптер.
Многу висок ризик од пожар се предвидува за денеска во Атика, централна Грција и на Пелопонез. Во Месинија е уапсен 30-годишен маж кој признал дека подметнал три пожари и се очекува денеска да биде изведен пред обвинител.
Два противпожарни авиони од Израел се очекува денеска да пристигнат во Грција на барање на грчките власти за да помогнат во гаснењето на пожарот.
Помош за гаснење на пожарот до Грција ќе испратат и членките на ЕУ – Полска, Романија, Словачка, а помош веќе пристигна и од Франција, Италија и Малта.