Денеска ќе биде претставен нов клуб за бугарско-македонско пријателство. Од Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје соопштија дека темата на денешната прес-конференцијата е „Претставување на нов клуб за бугарско-македонско пријателство и повелба за негово формирање со видео конференција меѓу видни јавни личности од Софија и Скопје“.
Оттаму информираат дека тие не се креатори и учесници во идејата и сакаат, како што велат, да ја поддржат иницијативата на добра волја која стои зад креирањето на оваа платформа.
Меѓу основачите на Клубот од македонска страна се филозофката Катерина Колозова, политикологот Љупчо Петковски, новинарите Марјан Николовски и Столе Наумов, историчарот Драган Заjковски, поранешните македонски премиери Љубчо Георгиевски и Владо Бучковски.
Меѓу основачите на Клубот од бугарска страна се писателите Алек Попов и Чавдар Ценов, универзитетските професори Александар Ќосев, Ивајло Дичев и Маја Грекова, новинарите Бојко Станкушев, Иво Беров и Димитар Кенаров, експертот за одбрана Велизар Шаламанов, економистите Красен Станчев и Евгени К’нев, тенисерката Мануела Малеева, режисерот Јавор Г’рдев, советникот на претседателот Жељу Желев за етнички прашања и Михаил Иванов.
Меѓу основачите се и три организации на македонските Бугари – Бугарскиот културен клуб Скопје (БККС), Културно-просветното друштво „Вардар“ и Здружението на граѓани за промоција, издавање, иницијативи и меѓународна соработка „ДЕЛО“ Скопје.