Виенската полиција покрена истрага за исчезнувањето на двегодишната Данка Илиќ од Бор, а откако српски државјанин кој живее во Виена пријавил дека синоќа на автобуска станица во центарот на австриската престолнина видел девојче во придружба на две жени кое наводно личело на Данка, која исчезна во вторникот во Србија, објави Клајн Цајтунг.
Граѓанинот на Србија стапил во контакт со српските надлежни органи, кои се обратиле до виенската полиција со барање за истрага, пишува порталот.
– Сведокот даде исказ и обезбедена е снимка што сам ја направил. Мажот за случајот дознал преку социјалните мрежи. Точните околности, особено дали се работи за исчезнато девојче, се предмет на истрага која е во тек – изјави портпаролот на виенската полиција Маркус Дитрих.
Да потсетиме, Србин од Виена снимил девојче кое личи на исчезнатата Данка.
Во врска со видеото кое ја разбранува јавноста, се огласи и нејзината мајка.
– Немам видено никакво видео, не гледам на социјалните мрежи – рекла Ивана.
„Видов дете како бега и вреска“
– Околу 20 часот излегов од метро станицата и видов како дете бега и вреска. Прво набљудував, а потоа почнав да снимам. Сè се случи на една трамвајска станица. Со детето имаше две жени кои меѓусебно разговараа на романски. Го викаа детето со некое име, не разбрав што, но девојчето воопшто не реагираше – вели во мејл Србин од Виена, кој потоа испратил и видео од детето до полицијата во Белград.
Детал од снимката што предизвикува сомнеж
Откако беше објавено видеото на девојчето од Виена, за кое се претпоставува дека е исчезнатата Данка Илиќ (2) од Бањско Поље, јавноста е вознемирена и полна со различни мислења за сличностите и разликите помеѓу девојчето од видеото и малата Данка.
Многумина забележале дека на видеото, кое наводно е снимено на станица во Виена, се гледа како две возрасни жени го следат девојчето, но без да покажат никаква емоција или интимност кон неа.
Двегодишната Данка Илиќ исчезна во вторникот околу 13 часот и 45 минути во Бањско поле кај Бор, а денеска е шести ден од потрагата по неа.
Во моментот на исчезнувањето, Данка носела виолетови панталони, маслинесто зелена јакна и косата врзана во опавче.
Девојчето има кафена коса, кафени очи и е висока околу 85 сантиметри.
Поради нејзиното исчезнување, за прв пат во Србија е активиран системот „Најди ме“.