СЕ ОГЛАСИ АРСОВСКИ – во Скопје сум, работам, не сум во Монте Карло, сликата е од поодамна, бев на гости кај роднини

Портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Димче Арсовски се огласи на фејсбук со долг демант, откако некои портали, а потоа и СДСМ објавија дека тој бил наводно на екслузивен одмор во Монте Карло.

„Гледам ме споменуваат СДСМ на прес конференции дека сум на одмор во моментов, да не ме мислат, не сум на одмор, во Скопје сум долго време со работни обврски и тоа го знаат и самите бидејќи молчеа за цензурата на нивната министерка за која ги прозивав изминатиов период.

Имено, да, се работи за слика од поодамна годинава и бидејќи ги интересира моето патување таму, еве ќе им објаснам.

Бев на приватно патување со семејството на гости кај најблиски роднини од потесното семејство на мојата сопруга (нејзин дедо, татко на нејзин родител) кои живеат во Франција и сакаа да си го видат правнукот (син ми), бидејќи се повозрасни и со ковид кризата и нивната возраст не го имаа видено откако се роди.

Бидејќи живеат повеќе од 50 години во Франција и стекнале имот таму, летниот период си го поминуваат кај нив, секогаш изминативе 20 години, на местата кои ги споменуваат господава од власта дека сум ги посетил.

Ако толку ги интересира, бидејќи на таа локација бев неколку денови и тоа на гости кај дедо на сопругата, морам да им потенцирам дека не потрошив повеќе, отколку еден просечен одмор на било кој функционер на власта и СДСМ.