„Се наведнував и ги превртував децата, барав дали се моите“: Потресно сведочење на мајката Марија

„Почнав наизменично да ѕвонам кај двајцата синови, но никој не ми одговараше. На Андреј му испратив порака и на Инстаграм – ‘Што се случува?’, но до денес таа порака стои непрочитана“, сведочеше мајката со солзи во очите.

Андреј беше викнат од газдата Дејан Јованов околу 1 часот по полноќ, бидејќи имало многу гости. Буквално секој што знаел да држи чаша во рака бил повикан“, изјави Марија Петрушева во своето сведочење пред судот.

Таа раскажа дека нејзиниот 24-годишен син таа вечер бил повикан вонредно на работа во дискотеката „Пулс“, само неколку часа пред трагедијата. Последен пат се слушнале околу 18:30 часот, кога Андреј ѝ кажал дека е уморен, но дека мора да оди на работа, пренесува 4њуз.

Кошмарот за семејството Петрушеви започнал околу 02:45 часот, кога ги слушнале сирените. Бидејќи живееле во близина на болницата и имале поглед кон излезот од Кочани, веднаш сфатиле дека нешто гори во правец на дискотеката.

„Почнав наизменично да ѕвонам кај двајцата синови, но никој не ми одговараше. На Андреј му испратив порака и на Инстаграм – ‘Што се случува?’, но до денес таа порака стои непрочитана“, сведочеше мајката со солзи во очите.

Кога пристигнале пред дискотеката „Пулс“, таму владеел целосен хаос. Нејзиниот сопруг влегол во чадот за да ги бара синовите, додека таа останала надвор и ги пребарувала телата на младите луѓе.

„Се наведнував и ги превртував децата за да видам дали некој од нив е мојот син. Не сфаќав дека тие деца се мртви… мислев дека се онесвестени од чадот“, раскажа Петрушева, по што еден од родителите присутни во судницата вознемирен ја напуштил просторијата.

Надежта накратко се појавила кога едно момче ѝ кажало дека нејзините синови биле однесени во болница – помалиот Христијан бил во добра состојба, а за Андреј било кажано дека има „слаб пулс“.