Се менува законот за странци: „Бехтел и Енка“ ќе може полесно да најде странци да работат на коридорите

Поради потребите на „Бехтел и Енка“, власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ кој додека беше во опозиција имаше многу замерки за тоа што им се удоволува буквално се на изведувачите, ќе се менува Законот за странци и тој веќе е на националната платформа ЕНЕР каде што може да се дадат забелешки.

Преку законски измени ќе се олеснува ангажирањето на странски работници кои ќе работат на изградбата на коридорите 8 и 10Д, пишува Фокус.

Поради потребите на „Бехтел и Енка“, власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ кој додека беше во опозиција имаше многу замерки за тоа што им се удоволува буквално се на изведувачите, ќе се менува Законот за странци и тој веќе е на националната платформа ЕНЕР каде што може да се дадат забелешки.

„По констатираните неусогласености на постапката за поднесување и одобрување на привремен престој заради работа, содржана во Законот за странците и обврските преземени согласно одредбите од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 и коридор 10 д во РСМ во делот на ангажирање, односно вработување на лица-странци како работна сила, но воедно и поради сложеноста и обемноста на документацијата која е потребна во постапката за поднесување и одобрување на привремен престој заради работа, согласно одредбите од Законот за странците, изготвен е предлог текст за измени и дополнувања на Законот за странците“, се вели во образложението од предлагачот, а како таков ќе се јави Министерството за внатрешни работи.

Целта на предложените измени е да им се излезе во пресрет на барањата на стратешките партнери, односно американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ кој почна да ги гради автопатите кон Кичево, Струга и Битола.

Новина ќе бидат намалените обврски или критериуми кои странецот треба да ги исполнува за да му се одобри привремен престој во земјава.

Досега критериум еден работник, најчесто од Турција и од азиските земји, да добие зелено светло за работна дозвола беше да бил неосудуван во државата чиј државјанин е или во државата во која престојува на затворска казна подолга од шест месеци и да не се води кривична постапка против странецот сега тие членови се менуваат во тоа странецот „да е неосудуван и не се води кривична постапка против него во државата во која престојувал во годината пред поднесување на барањето за привремен престој, во зависност од документите кои ги издава државата“.

Тоа значи дека треба да бил неосудуван или да не бил кривично гонет само во последната година пред да аплицира за работа во Македонија, а не и претходно, што значи дека и странец со неколку одлежани казни, а кој во последните 12 месеци не добил казна во својата земја, ќе може да побара дозвола за работа во Македонија.

Олеснувања ќе има и за „странец кој е член на потесното семејство на државјанин на земјава, странец кој поднел барање за одобрување привремен престој заради работа по основ на вработување, како и членови на потесното семејство на покровителот “.

Олеснувања има кај продолжувањето на привремениот престој, Се менува член и тој сега ќе гласи вака. „На барање на странецот што се поднесува не порано од 90 дена пред истекот на привремениот престој или најдоцна пет дена пред истекот на привремениот престој, привремениот престој се продолжува, при што секое продолжување не може да биде подолго од една година “.

Со законските измени повеќе нема да биде потребно мислење од Агенцијата за вработување, односно кандидатите со некомплетна документација ќе ги одбива МВР, а не АВРМ.

АВРМ нема да дава мислење ниту за одобрување привремен престој заради работа на странците кои ќе работат за „Бехтел и Енка“ бидејќи ќе им се одобрува престој независно од моменталите потреби на пазарот на трудот.

Од каде доаѓаат најмногу работници:

Откако пред некоја година стана јасно дека земјава нема доволно работници поради иселувањето, државата направи корекција на квотата за странски вработувања, од 5.000 на 7.000 годишно.

За еден работник од странство да дојде да работи во земјава, најпрво треба да добие дозвола за престој. Но, кога ќе дојдат овде, тие ќе се пријават во МВР и во Агенцијата за вработување, но не можат веднаш да склучат договори за работа, бидејќи најпрво треба да добијат дозвола за работа, па дури потоа можат да почнат со работа.

На македонскиот пазар на труд има најмногу работници од Турција, Косово, Србија, Албанија, Индија, Грција, Бугарија, Непал, Украина и Русија. А, Турција, Бангладеш и Непал се трите топ земји од каде што во Македонија се носат странски работници.

МВР води евиденција за бројот на странски државјани што се во Македонија со статус на активен привремен престој по причина на вработување, упатен работник и сезонски работник.

Во 2023 година, најмногу странски државјани со овој статус имало од Турција, вкупно 2.318, потоа од Косово – 264, па Србија – 178, 109 од Албанија, по 88 од Грција и Индија, 82 од Бугарија, 66 Руси, 61 работник од Непал. За 2023 година се регистрирани 4.009 работници.

За периодот од 1 јануари до 18.9.2024, регистрирани се 314 работници од Бангладеш, 333 работници од Непал, 242 работници од Косово, 114 од Србија, 1558 од Турција, 90 од Индија, 64 од Украина, 80 од Албанија и 75 работници од Грција.