Се истражува смртта на 28-годишното момче во Гостивар

Обвинителството и полицијата во Гостивар работат на расветлување на смртта на 28-годишникот кој вчера околу 19.30 часот беше убиен на улицата „Гоце Делчев“.

Според неофицијалните информации од полицијата и Обвинителството, постојат сомнежи за самоубиство, бидејќи во близина на мртвото тело било пронајдено и оружјето од кое бил испукан куршумот.

Според експертите, пукањето од непосредна близина остава простор за сомневање дека станува збор за самоубиство.

„Дежурниот обвинител на Основното обвинителство Гостивар синоќа изврши увид на местото на настанот, во близина на куќата на улицата ‘Гоце Делчев’ во Гостивар, каде е пронајдено мртвото тело на 28-годишно лице со влезна и излезна рана на главата. Починатиот бил пренесен во болница од неговиот татко, каде што била констатирана смрт. На мртвото тело ќе биде извршена обдукција. При увид на местото на настанот, оружјето е пронајдено и однесено на дополнителна анализа. По наредба на јавен обвинител прибавен е и видео-материјал од камерите на околните објекти“ – велат од Обвинителство.

Според сведок кој не сакал да зборува пред камера, а живеел во близина на куќата на жртвата, случајот прво го забележала мајката на сега починатиот, а подоцна неговите родители заедно со некои соседи го однеле во гостиварската болница. Соседите велат дека момчето било љубезно.