Се изготвуваат решенија за корисниците на становите во социјалната зграда во Виница

Постапката за распределба на становите во првата социјална зграда во Виница е во завршна фаза и се изготвуваат решенијата за корисниците, по што се очекува вселувањето.

Согласно Одлуката за распределба на социјалните станови, корисници се лица кои имаат право на гарантирана минимална помош, семејства со лица со попреченост, како и самохрани родители со малолетни деца и припадници на ромската етничка заедница.

-Веќе имаме конечна ранг листа на граѓаните кои аплицирале и ги исполнуваат условите, односно ги добиле становите. Се работи за 29 семејства од социјално ранливите категории. Очекувам во наредните денови да продолжи  изготвувањето на решенијата, а штом ќе завршат роковите за жалбениот дел од постапката, ќе го потпишеме договорите и ќе им ги доделиме клучевите на граѓаните, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Министерството за транспорт и врски инвестираше околу 75 милиони денари за изградбата и опремувањето на објектот кој има три ламели со вкупно 36 станови, чија површина е од 36 до 45 квадратни метри. Зградата располага и со две деловни простории со површина од по 60 квадратни метри.

Покрај објектот во Виница, завршена е и изградбата на третата социјална зграда во Кочани, a се очекува во текот на оваа година да почне постапката за распределба на 34 станови, за кои беа инвестирани околу еден милион евра.