Се зголемил бројот на пушачи од почетокот на пандемијата
Бројот на пушачите во Германија е значително зголемен од почетокот на пандемијата на коронавирус, според студијата чии прелиминарни резултати ги објави агенцијата ДПА.
Повеќе од една третина (34,5 проценти) од луѓето на возраст од 14 години и постари пушат, според германското истражување за навиките за пушење (ДЕБРА), кое сè уште е во тек.
Пред избувнувањето на епидемијата на почетокот на 2020 година, околу 27 отсто од луѓето пушеле, покажа истражувањето кое ги следи навиките за пушење на пошироката популација.
Епидемиологот и шеф на ДЕБРА, Даниел Коц, го опиша подемот како застрашувачки развој.
Коц го припишува тој тренд првенствено на враќањето на поранешните пушачи кои повторно почнале да пушат поради стресот и анксиозноста предизвикани од пандемијата на Ковид-19.
Тој нагласи дека се уште е охрабрувачки што се помалку млади луѓе почнуваат да пушат, за разлика од трендовите од седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век.
„Охрабрувачки е што се помалку млади луѓе пушат“, повтори Кристина Румел, директорка на германскиот центар за зависности.
„За жал, моментално го забележуваме спротивниот тренд кај возрасните“ – додаде таа.
Румел е меѓу оние кои велат дека владата не прави доволно за да го спречи пушењето со силна превентивна политика, за разлика од Нов Зеланд, на пример, кој планира да ја забрани продажбата на цигари во иднина.