
Обвинителството отвори истрага за тероризам против лице осомничено дека на 16. овој месец лажно пријавило бомба во авион на Меѓународниот аеродром Скопје. Постапката следи по кривична пријава на МВР, по која предметниот обвинител од ОЈО ГОКК донесе наредба за спроведување истражна постапка.
Осомничениот, во раните утрински часови на 16 август, преку линијата за итни случаи 192 со умисла упатил сериозна закана за поставена експлозивна направа во авион на летот Скопје – Анталија.
Веднаш по приемот на заканата, Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам ги активирал протоколите за антитерористичка проверка. По неколку часа било утврдено дека станува збор за лажна пријава.
Со ваквата постапка, осомничениот создал чувство на страв и несигурност кај патниците и присутните на аеродромот. Истовремено, со активирањето на протоколите ја пореметил и севкупната работа на воздушниот сообраќај.
Јавниот обвинител доставил предлог до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор. Во образложението се наведува дека во конкретниот случај целта на притворот не би можела да се постигне со друга мерка за обезбедување присуство на осомничениот.
За случајот се огласи и Министерството за внатрешни работи. За осомничениот 26-годишник С.А. е поднесена пријава за кривично дело тероризам.
Полицијата вели дека е претресен неговиот дом. Во полициска станица тој го признал делото.
„При преземањето мерки, на 20.08.2025, со судска наредба, бил извршен претрес во домот на С.А. на подрачјето на Кисела Вода, при што биле пронајдени и одземени предмети поврзани со настанот, а тој бил лишен од слобода“.
Лажна дојава за бомба на скопскиот аеродром – нормализиран сообраќајот