Се враќа шоуто „Глумците пеат“

По повеќегодишна пауза, годинава ќе се одржи шоуто „Глумците пеат“, вели Маја Бабиќ, ќерката на идејниот творец Марин Бабиќ.

Познатиот актер и радиоводител почина лани во октомври, на 74 години.

„Ни остави аманет и знаевме дека мора да го исполниме. Затоа што ТОЈ толку многу ги сакаше и копнееше да ги врати. И затоа, во чест на Марин ја враќаме на глумците, на театарот, на публиката“, објави Маја Бабиќ на Фејсбук.

На комеморацијата лани во Драмски, Маја подели и дека со нејзината сестра соработувале со татко им на „Глумците пеат“ и дека уживале во тој негов животен проект, како и дека им го оставил како аманет кога-тогаш да го обноват.

„Да бидам искрена, не ви било лесно и вам како негови колеги. Прецизен, ситничав, но со јасна визија што сака да направи. Ќе му го исполниме аманетот“, рече Маја Бабиќ.

Годинава настанот ќе се одржи на 20 април, во Националната опера и балет (НОБ).