Се враќаат владините реклами во приватни медиуми

„Членот 102 се брише“. Ова нема ништо да ви значи, доколку не знаете дека станува збор за член од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кој пред пет години беше ставен крај на владиното рекламирање во медиумите. Со тоа се исполни ветувањето на СДСМ од опозициските денови, дека ќе заврши „груевистичкиот принцип“ на создавање мрежа од корумпирани медиуми кои сервилно и` служат на власта, бидејќи таа ги храни со пари за реклами.

„Зборот е збор“, се пофали премиерот Зоран Заев на 5-ти септември 2017 година, во отчетот за сто дена од неговата влада, пишува „Дојче веле“.

„Оваа Влада нема намера да затвора пари во непродуктивни трошоци, какви што беа рекламирањето на пропагандата. Доста беше! Ги прекинавме владините реклами кои од домашните и меѓународните фактори беа назначени како извор на притисоци и контрола врз медиумите, а ќе ги објавиме сите досегашни трошоци за овие реклами“, порача Заев.

Дваесет дена подоцна, тогашниот владин портпарол објави дека 38 милиони евра пари на граѓаните биле потрошени за кампањи и пропаганда во електронските и печатени медиуми од 2008 до 2015 година преку нејасни критериуми, а дури 7 милиони евра завршиле само во една телевизија. Во сумата од 38 милиони евра не биле пресметани парите потрошени за кампањи во 2006, 2007 и 2016, година, затоа што документите за тие години не биле пронајдени.

Заложбите за реформи во медиумите, меѓу кои и нивно ослободување од секаков политички притисок, беше приоритет уште од 2015 година и со почетокот на „пржинскиот процес“. Забелешките за овие прашања се најдоа и во Извештајот на експертската група предводена од Рајнхард Прибе, посветен на потребата од итни реформски приоритети. Тогашната дијагноза дека „купувањето на политичка поддршка во медиумите преку финансиско поддржување на медиумскиот пазар е неприфатливо“ денес е заборавена, а „зборот е збор“ се покажа со мал рок на траење.

Членот 102 кој пред пет години стави крај на практиката за влијание врз уредувачката политика преку пари за владини кампањи, сега ќе се брише. Така е напишано во Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка, кој е на дневен ред на денешната седница во Собранието, велат од „ДВ“.

Еснафските здруженија, ЗНМ и ССНМ, во повеќе наврати се изјаснуваа против директното финансирање на медиумите од буџетот, предупредувајќи на лошото искуство со државното финансирање на медиумите. Но национални, локални и регионални телевизии и радија, се залагаа за спротивното, бидејќи забраната за државно рекламирање и отсуството на дел од тој буџетски колач, им предизвика финансиски проблеми.