Се ближи „Денот Д“ за уставните измени: Ќе успее ли власта да обезбеди мнозинство?

Се ближи „денот Д“ за гласење уставни измени. Владејачките партии СДСМ и ДУИ бараат поддршка за уставните измени од ВМРО-ДПМНЕ на пет дена до пленарната седница за уставните измени позициите на власта и на опозицијата остануваат екстремно непомирливи, објавува ТВ24.

И покрај тоа што опозициските албански партии Алтернатива, Беса и уште двете нови, Демократското движење на Меџити и Европска демократска партија на Хоџа, се изјаснуваат дека ќе гласаат за измените на уставот.

Но, недостасуваат уште 8 пратеници, засега ниту на странскиот фактор не му успева да ја убеди опозицијата да ги гласа уставните измени зашто таа бара прво да се одржат предвремени парламентарни избори став што од ВМРО-ДПМНЕ го повторија и денеска.

Досега никој нема претставено волшебна формула што би се искористила како спојувалка на дијаметрално спротивните политички позиции, па дури и доста млако речиси без никаква поголема вознемиреност помина пораката од европскиот парламент дека македонија ризикува да биде издвоена од Албанија во евроинтеграциите ако во ноември не ги изгласа измените на уставот. ДУИ депонираа условени оставки, потег што се очекува да го направи и СДСМ за пет свои министри, но ВМРО-ДПМНЕ во сето ова гледа евтин политички блеф.

А интервенцијата во уставот се однесува на додавање делови од народи во преамбулата и членовите 49 и 78 од уставот.

Па така во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ“.

Согласно ова направена е измена и во комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на паритетот на претставниците во парламентот на сите вака утврдени заедници во преамбулата на уставот за што се побунија двајца пратеници од турската заедница, едниот дел од мнозинството кој го услови својот глас.

Во петок собранието прво треба да гласа за дневниот ред кој се носи со 61 глас „за“. Потоа следува дебата во траење до десет дена, во рамки на која пратениците имаат право повеќе пати да излезат на говорница и да говорат по 20 минути а координаторите на пратеничките групи 30 минути. Потребата од отворање на уставот за измени се носи со двотретинско мнозинство односно со 80 гласови „за“. Без овој број на гласови постапката не може да продолжи.

Ако со двотретинско мнозинство се усвои потребата за донесување на уставните измени, потоа собранието усвојува заклучок и го праќа материјалот до владата заедно со утврден рок во кој подносителот односно владата изготвува текст на нацрт амандманите на уставот кој текст го доставува до претседателот на Собранието кој во истоветна процедура во смисла на рокови го става на расправа пред пратениците.

Ова е веќе втората фаза од постапката за менување на уставот која остава простор од најмалку 30 дена рок од моментот на доставување на нацрт амандманите во собранието до одржување на пленарната седница. Нацрт амандманите повторно се утврдуваат со 61 пратенички глас „за“ по што одат на јавна дискусија чиј рок го утврдува Собранието по што повторно се враќаат во владата и таа како предлог амандмани ги враќа во Собранието ,процедура за која се предвидени 30 дена. Потоа усвојувањето на амандманите се одвива со најмалку 80 гласа а за амандманот на преамбулата освен двотретинско потребно е и бадентерово мнозинство.