Сеул соопшти дека Северна Кореја испратила уште 3.000 војници во Русија

- Од околу 11.000 севернокорејски војници испратени во Русија, имало 4.000 жртви, а се чини дека околу 3.000 или повеќе биле дополнително испратени во јануари и февруари, ја цитира агенцијата изјавата на Здружениот генералштаб во Сеул.

Јужнокорејското воено раководство денеска соопшти дека се чини дека Пјонгјанг испратил уште 3.000 војници да ја поддржат Русија во нејзината војна против Украина, јави новинската агенција Јонхап.

– Од околу 11.000 севернокорејски војници испратени во Русија, имало 4.000 жртви, а се чини дека околу 3.000 или повеќе биле дополнително испратени во јануари и февруари, ја цитира агенцијата изјавата на Здружениот генералштаб во Сеул.

Кон крајот на февруари, јужнокорејската разузнавачка служба соопшти дека верува дека Пјонгјанг испратил втор контингент војници на линијата на фронтот во рускиот регион Курск, иако во тоа време рече дека не го знае точниот опсег на распоредувањето, пренесе ДПА.

Јонхап го цитира генералштабот во Сеул дека севернокорејската армија веќе претрпела околу 4.000 жртви во војната во Украина. Сепак, не е јасно дали бројката ги вклучува и ранетите војници покрај загинатите.

Покрај испраќањето војници, Северна Кореја продолжува да и доставува на Русија муниција и оружје во голем обем, вклучувајќи ракети со краток дострел, самоодни хаубици и ракетни фрлачи, тврди јужнокорејската војска.