Последниот месец беа сослушани пет членови на семејството на Коста Кецмановиќ и лица кои имале или требало да имаат близок контакт со момчето убиец, кое го изврши масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Врачар (Белград).
По таткото, мајката, дадилката, како и психологот и педагогот од училиштето, наскоро би требало да се разговара со, можеби, клучниот сведок кој би можел да даде некои клучни информации за да се дознае мотивот на грозоморното злосторство, но и да се дознае дали има некакви индиции дека се подготвувало такво нешто. Тоа е неговата, 10-годишна сестра.
Врз основа на сите претходни изјави, пред се на мајката и дадилката, јасно е дека сестрата можела пред се да дознае дали има промена во однесувањето на најмладиот масовен убиец во светот, како и можната причина поради која решил да изврши грозоморно злосторство.
Исто така, властите очекуваат дека таа ќе може да открие дали тој се скарал со некого, дали некому му се заканувал, дали некој му се заканувал, дали имал невозвратена љубов, па дури и дали во станот видела оружје и молотови коктели.
Посебно е интересно што, според сведочењето на мајката, сестрата речиси цел ден пред масакрот заедно со својот брат го поминала кај баба и дедо, а вечерта се вратиле заедно дома. Како што истакнала нивната мајка, десетгодишното девојче ја делело собата со три години постариот брат.