Семејството на Коста од Србија: Тој 3 мај завладеа вечна тишина

Семејството на 13-годишниот Коста К., кој го изврши масакрот во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград – уби 10 лица и рани петмина, по повеќе од 20 дена по првпат се огласи во јавноста и изрази сочувство.

„Тој 3 мај завладеа вечна тишина во која немо од неизлечивите болка и тага секојдневно лелекаме за секое невино дете кое настрада и за Драган (убиениот чувар), кој ги чуваше децата со толку многу љубов. Длабоко и најискрено жалиме и упатуваме сочувство до секое семејство поради загубата, а секоја од нив е и наша загуба. Вечно во тага“, пишува во соопштението од семејството кое во јавноста го изнесе адвокатската канцеларија која ги застапува.

Нивниот син, Коста К., е ученик во седмо одделение во белградското училиште на Врачар. На 3 мај со оружјето на својот татко уби осум ученици и чуварот Драган, а рани уште шест деца во училиштето. Едно од ранетите девојчиња на 15 мај им подлегна на повредите.

Државниот секретар во Министерството за здравство на Србија, Мирсад Џерлек, претходно денеска изјави дека едно од ранетите момчиња кое е во тешка состојба поради повреди на вратот и ‘рбетот лекувањето најверојатно ќе го продолжи во Чикаго, САД.