Селекторот на Аргентина не смее да го води тимот на следниот натпревар поради невообичаен прекршок
Селекторот на аргентинската репрезентација Лионел Скалони не може да ја води својата селекција на следниот натпревар на Копа Америка.
Тој доби суспензија и треба да плати парична казна од 15.000 долари откако на полувремето ги задржа играчите во соблекувалната подолго од дозволеното.
Аргентина во вторникот го победи Чиле со 1:0. Истата казна ја доби и селекторот на Чиле, Рикардо Гарека.
Во последниот натпревар од групата против Перу, Аргентина ќе ја предводи помошниот селектор Валтер Самуел, инаку легенда на аргентинскиот фудбал.
Ова не е првпат Аргентинците да останат предолго на полувремето. Истото го направија и на првиот натпревар во групата против Канада.
Во тоа време, канадскиот тренер Џеси Марш изјави дека неговите противници заслужуваат казна бидејќи на теренот дошле четири минути подоцна од противниците.