Села: Јас го направив Таравари политичар

Зиадин Села во емисијата на Клан Македонија изјави дека тој политички го воспитувал претседателот на Алијанса, Арбен Таравари, со кого партијата сега ја поделија на два клана.

„Во 2016 година никој политички не го познаваше Арбен Таравари. Во 2014, 2015 година кога го започнав Движењето за реформи, го поставив и за генерален секретар. Во 2016 година беше втор на листата за пратеник во изборната единица број 1. Загуби. После тоа го направив министер за здравство, напредуваше“, рече меѓу другото Села, додавајќи дека на локалните избори во 2017 година, токму Села коалицирал со Движењето Беса за Таравари да стане градоначалник на Гостивар.

Претседателот на Собранието на Алијанса изјави дека неговите постапки не и помагаат на ДУИ и додаде дека коалицијата со албанската опозиција не гарантира промена. Села вели дека останува на ставот дека партијата ќе се натпреварува сама на изборите на 8 мај.

Села посочи дека Таравари имал средби со шефовите на опозициските партии тајно и на нетранспарентен начин. Според Села, скандалозно било тоа што Таравари не однел ниту еден член на Претседателството на средбите што ги имал со косовскиот премиер Албин Курти.

Зиадин Села во Клан дебата по којзнае кој пат изјави дека некој надвор од партијата го наметнал политичкото делување на претседателот на партијата, што според него довело до сегашната поделеност.

„Се додека Зиадин Села политички дише во Алијансата, јас не сум дозволил и нема да дозволам фактори од надвор да ја контролираат партијата“, рече меѓу другото.