Села: Уставен суд не го укина балансерот туку „правото на етничка припадност“

Зијадин Села, претседател на едното крило на Алијансата на Албанците денеска изјави дека Уставниот суд вчера не го укинал балансерот туку „правото на етничка припадност“, и ги повикува САД, ЕУ да реагираат како гарант за Охридскиот рамковен договор.

-Уставниот суд не го укина балансерот, Уставниот суд ја укина етничката припадност. Балансерот е само најмалата последица од укинувањето на етничката припадност. Со гласање на таа одлука се удираат темелите на Охридскиот рамковен договор, се удира врз уставноста и врз Уставот и системот кој се обидува да се гради врз база на тоа што сме, изјави Села.

Села ги повика САД и ЕУ, како гарант на Охридскиот рамковен договор за, како што кажа, „да интервенираат што побргу да се најде решение заедно со политичкиот фактор“ во државата за да се спречи „еден обид за да влеземе како општество во анархија“. Села очекува и апелира што побргу, како што вели, да „седнеме“ и да го зачуваме тоа што е најважно за граѓаните, а тоа е безбедноста. Според него, треба да се има предвид дека ова се случува кога секој ден низ различни делови на светот никнуваат војна или конфликти.

-Северна Македонија да не биде уште една земја плус во која ќе има дестабилизација, било тоа политичка или каква било, рече Села.

За оваа одлука на Уставниот суд, според него, треба да реагираат припадниците на сите етнички заедници, а повеќе очекува да реагираат политичките опции кои сите овие години изјавувале дека нема да дозволат да се удира врз идентитетот на Македонците.

Укинувањето на балансерот, според него, беше изборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на Уставниот суд се издигнал над Уставот, а жали што немало механизми да се бара одговорност од овие уставни судии. – Повеќе од јасно е дека оваа одлука не е одлука на стручни судии, рече Села, нарекувајќи го гласањето „етничко“ и „надгласување“ на сите етнички заедници во Северна Македонија. Според него, според Бадентер да се носат и одлуките во Уставниот суд.

За лидерите на коалицијата Вреди, вели дека овие денови се прават само да неутрализираат и да им прикажат на граѓаните дека ништо не се случува и дека ќе имало закон за правична застапеност.

– Лажат бидејќи со ваквата одлука на Уставниот суд се укинува правото за да се изјасниш како припадник на некоја етничка заедница со тоа никакво закон за правилна застпеност нема значење, рече Села додавајќи дека ваков закон бил во програмата на АА за изборите 2020 година.

Села вели дека пратениците од неговата партија ќе останат дел од опозицискиот Европскиот фронт, предводен од ДУИ. Според него, Европскиот фронт е стабилен и ги повикува сите политички партии кои ја имаат нивната кауза за заштита на идентитетот да им се придружат.

Тој вели дека не се видел со Мендух Тачи од ДПА, кој излезе од Европскиот фронт, и дека тој како политички чинител има право да делува како што мисли.