Села свика Централно собрание на Алијанса за Албанците на кое ќе се бара одговорност од лидерот Таравари

Претседателот на Централното собрание на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, на прес-конференција во седиштето на партијата во Тетово објави дека свикува седница на ова партиско тело за в сабота на која ќе се бара одговорност за претседателот на партијата, Арбен Таравари.

Рече дека и покрај одлуката на партиските органи за АА да оди самостојно на парламентарните избори, Таравари решил да оди спротивно на ова по вчерашната објава на Фејсбук во која побара поддршка за АА да оди на избори заедно со опозициските партии на Албанците.

Инаку, предлогот на Арбен Таравари партијата Алијанса за Албанците да настапи со албанскиот опозициски блок на следните избори, доби поддршка од членството на партијата. Како што објавија на нивната Фејсбук страница, за 24 часа се собрани потписи за поддршка од 80 од вкупно 133 члена, колку што брои Собранието на партијата.

„ Иницијативата на претседателот Таравари доби поддршка од мнозинството собранија на АА. За 24 часа доброволно се собрани 80 потписи на Собранието од вкупно 133 колку што брои Собранието. Поголемиот дел од Собранието на Алијансата за Албанците е јасно за сигурна промена. Претседателот Таравари повикува на мудрост, зрелост и единство, за ДУИ конечно да биде испратена во опозициа. Промената доаѓа“, објавија од партијата.