Села пред одлука, ДУИ го зголемува фронтот

Али Ахмети гради стратегија на долги патеки – најавува дека европскиот фронт што се создава сега нема да биде за еднократна употреба, туку долготраен, пишува „Дојче Веле“.

Крилото на Алијанса за Албанците предводено од Зијдин Села денеска на Централно собрание ќе одлучува како ќе настапи на претстојните парламентарни избори. Според неофицијални информации, се очекува Села да добие едногласна поддршка за приклучување кон европскиот фронт предводен од ДУИ. Според партиски извори, во таков случај ова крило на АА би можело да смета на 4 сигурни пратенички мандати. Села би ја предводел листата во Изборната единица 5.

Со оглед дека е во тек судска постапка по прашањето на кого му припаѓаат печатите на АА – нему или на Арбен Таравари, а која нема да заврши до рокот за поднесување на листите за пратеници, Села пред два дена изјави дека тие нема да можат да одат сами на избори, па се ставени меѓу две опции: или да не учествуваат на избори или да се приклучат кон еден од двата блока на партиите на Албанците.

Од опонентската коалиција „Вреди“ сметаат дека тоа е „евтино алиби“ со оглед дека Таравари јавно им понудил на сопартијците од фракцијата во АА да им ги потпише листите, доколку одлучат да настапат самостојно на изборите.

Од крилото на Села преку соопштение потпишано од генералниот секретар Кренар Лога ја отфрлија понудата.

„Печатите на АА не се индивидуална сопственост, уште помалку на оној кој го напушти својот политички дом, а што се однесува до ултиматумите, користете ги со ВМРО, а не со Алијансата за Албанците“, се вели во реакцијата.

Ако Села добие зелено светло за коалициска соработка, можно е утре и официјално да биде потпишан договорот со ДУИ. Со тоа, партијата од Мала Речица на изборите тргнува со поддршка од повеќе партиски субјекти отколку оние што ја сочинуваат опозициската коалиција „Вреди“, во која се Демократското движење, Алтернатива, Движењето Беса, крилото на Травари од АА и кадар на Самоопределување.

Досега ДУИ потпиша коалициски договор со Демократската партија на Албанците (ДПА) на Мендух Тачи, со Народното движење на Скендер Реџепи – Зејд, со Европската демократска партија (ЕДП) на Арјанит Хоџа, со Демократската партија на Турците на Бејџан Иљаз, а денеска (28.03) и официјално ќе го потпише постигнатиот договор со Унијата на Ромите на градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш. Ако се потпише договор и со Зијадин Села, покрај ДУИ во овој фронт ќе бидат уште шест партиски субјекти.

Од опозициската Коалиција „Вреди“ велат дека поради стравот од пораз Али Ахмети станал „закупец на партии“. И претходно оттаму ја критикуваа ДУИ дека ги извадила своите послушници од опозицијата, им направила партии, и сега паднала на дереџе тие изронети трошки да ги собира и да ги претставува како нивен достоен коалициски партнер.

Ако оваа критика ја доведуваа во корелација со дел од новоформирани партии на Албанците, таа не важи за оние кои претставуваат дел од други етнички заедници, како на пример, Турците и Ромите, со кои Ахмети за воспоставува предизборна соработка.

Според изјавите на лидерот на ДУИ, привлекувањето на што повеќе партнери под мотото „Да за Европа, не за Русија“ нема да биде за еднократна употреба, туку за градење соработка на подолги патеки. Тоа јасно го соопшти при вчерашното потпишување на коалицискиот договор со Демократската партија на Турците.

„Првата радост е што се прави вистински историски договор за двете наши заедници – и за Албанците и за Турците. Втората радост ми е што за ваков фронт вложувам напори 22 години и еве после четврт век тоа се остварува. Овој фронт нема да биде за еднократна употреба само за претседателски и локални избори, овој фронт ќе биде долготраен, затоа што интересите се заеднички, не можеме да ги разделиме луѓето кои живеат заедно, бидејќи се создадени како едно семејство“, порача Ахмети.