Села за одлуката за „балансерот“: Уставен треба да одлучува по Бадентер за сите закони донесени со бадентерово мнозинство

„Балансерот“ се злоупотребувал во минатото, но тоа не значи дека треба да се укине, туку да се преземат мерки за да не се злоупотребува, коментира Зијадин Села од опозицискиот „Европски фронт“ во врска со вчерашната одлука на Уставниот суд кој поведе постапка за алатката наречена „балансер“.

Одлуката на Уставен ја нарече скандалозна и ја оцени за обид за суспендирање на сите одбранбени механизми кои се граделе низ годините, а имаат за цел да ги заштита на правата на граѓаните. Со „удирањето“ по „балансерот“, оценува Села, се нарушуваат основните човекови права на граѓаните на оваа држава.

„Треба да се воведе Закон за правична застапеност, со кој ќе се почитуваат сите етнички заедници и да се предвиди полова еднаквост и уште една категорија на граѓани – социјални случаи и лица со посебни потреби“, рече Села.

На прес-конференцијата одржана во Собранието, Села порача дека треба да се стави крај на етничкото гласање кое, како што рече, вчера се случило во Уставниот суд. Смета дека треба да се донесе закон според кој, за сите донесени закони за кои се гласало со Бадентер, Уставниот суд, исто така, да одлучува со Бадентер.

„Одлуката што се донесе вчера во Уставниот суд е резултат на најавата пред две години од страна на сегашниот премиер, а тогашниот лидер на македонската опозиција Христијан Мицкоски, кој уште тогаш изјави дека разговараат за укинување на ‘балансерот’. Нормално дека ние како Алијанса за Албанците нема да седиме без да преземеме мерки. Итно треба да се стави крај еднаш засекогаш на етничкото гласање што се случи вчера во Уставниот суд, бидејќи не може да се укинат закони донесени со Бадентер од страна на некој судија кој е воден од фактот дека припаѓа на одредени етничка заедница. За донесување на овој Закон биле потребни компромиси, дебати и веќе е прифатен од граѓаните“, изјави Зијадин Села.

Најавата за исходот од вчерашната седница на Уставниот суд, како што рече, доаѓа од челниците на коалицијата „Вреди“ чија цел е да ја легитимираат секоја политичка постапка на ВМРО-ДПМНЕ.