Секретарот на бугарскиот културен клуб во Охрид кој синоќа беше претепан, во декември бил фатен со кокаин

Тепачката која се случи синоќа во угостителски објект во Охрид, во која тројца напаѓачи му ја скршиле вилицата на Х.П. , секретар на бугарскиот клуб „Борис Трети“, за која бугарското МНР  кажа дека ќе поднесе протестна нота до нашата амбасада во Софија, по сè изгледа е дилерско-криминална пресметка, известува порталот СДК.мк.

Во архивата на МВР, тепаниот Х.П. се појавува како лице со кривична пријава, откако охридската полиција на 17 декември нашла кај него кокаин.
„СВР Охрид поднесе кривична пријава против Х.П.(22) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ‘неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори’. При преглед извршен во атарот на охридското село Лескоец, полициските службеници кај него пронашле и одзеле кокаин“, стои во соопштението на СВР Охрид тој ден.

Според очевидци во угостителскиот објект, синоќа околу 22.30 часот во угостителскиот објект најпрво се случил вербален конфликт. Веднаш штом влегле тројцата во локалот, Х.П. почнал да ги пцуе и навредува, по што овие го извадиле надвор и го натепале.