Секоја членка на ЕУ сама решава дали ќе ги спроведува налозите за апсење на МКС

Европската Унија апелира за целосна соработка со Меѓународниот кривичен суд (МКС), но спроведувањето на неговите налози за апсење не е во нејзина, туку е во надлежност на земјите членки, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ел Ануни во врска со најавите дека Полска нема да го изврши налогот на Судот за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху доколку тој одлучи да дојде на 27 јануари на одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот концентрационен логор „Аушвиц“.

– Европската Унија го поддржува Меѓународниот кривичен суд и принципите утврдени во Римскиот статус и ги почитува неговата независност и непристрасност. ЕУ е силно посветена на меѓународната кривична правда и борбата против неказнивоста. Како што е наведено во неговите заклучоци од 2023 година, Европскиот совет ги повикува сите држави да обезбедат целосна соработка со судот, вклучително и за брзо извршување на отворените налози за апсење, рече Ел Ануни.

Тој додаде дека сите земји членки на ЕУ се потписнички на Римскиот статут, кој предвидува општата обврска за нивна соработка со Судот.

Полскиот премиер Доналд Туск вчера соопшти дека Полска нема да го уапси Нетанјаху, против кого Меѓународниот кривичен суд има издадено налог за апсење за злосторства против човештвото извршени за време на израелските напади врз Газа, доколку тој дојде во земјата.

– Прашањето е чувствително. Од една страна, тука е одлуката на Меѓународниот суд, а од друга, очигледно е дека претседателот или премиерот на Израел мора да имаат целосно право да се чувствуваат безбедно при посетата на поранешниот логор „Аушвиц“, изјави Туск.

Тој пред неколку дена побара од министрите за правда и за надворешни работи на Полска да подготват посебна декларација за да се уверат највисоките претставници на Израел дека полската Влада ќе го гарантира нивното слободно и безбедно пристигнување и учество на комеморацијата за жртвите на Холокаустот.

Полските медиуми објавија дека и претседател на Полска, Анджеј Дуда испратил писмо до Туск во кое бара да му се дадат гаранции на израелскиот премиер дека нема да биде уапсен доколку пристигне во земјата за да учествува на комеморацијата.