Седум обвинители во трка за шеф на Вишото скопско обвинителство, изборот е закажан за в среда

Во среда, на 18 март, Советот на јавните обвинители ќе треба да го избере новиот шеф на Вишото скопско обвинителство. Од Советот информираат дека седницата е закажана, а една од точките е за избор на наследник на Мустафа Хајрулахи, јавува Фокус.

Во среда, на 18 март, Советот на јавните обвинители ќе треба да го избере новиот шеф на Вишото скопско обвинителство. Од Советот информираат дека седницата е закажана, а една од точките е за избор на наследник на Мустафа Хајрулахи, јавува Фокус.

Во трката се седум обвинители, од кои тројца беа и дел од поранешното СЈО. Поточно за кандидати за шефовската позиција се обвинителите од вишото обвинителство: Фатиме Фетаи, Владимир Милошоски, Артан Ајро и Трајче Пеливанов, двајца обвинители од скопското обвинителство, Александар Маркоски и Јасмина Костеска Здравеска, како и Џелал Бајрами, кој доаѓа од републичкото јавно обвинителство.

На истата седница е предвидено да се изберат и пет обвинители во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. За овие места во трка се десет пријавени обвинители. Пет од кандидатките се обвинителки кои се дел од ова обвинителство, но нивниот мандат истекува. Тоа се обвинителките Марија Ѓоргева, Валентина Бислимовска, Енѓелуше Кадриу- Леши, Ивана Алексова -Трајчева и Сузана Мирческа -Кузмановска.

Меѓу кандидатите се и двајцата виши обвинители, кои конкурираа и за шеф на Вишото обвинителство, Артан Ајро и Трајче Пеливанов, кои пред да бидат избрани во Вишото скопско обвинителство, дојдоа токму од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Овие обвинители беа дел и од згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО).

Тројцата останати обвинители доаѓаат од Скопското обвинителство. Тоа се Александар Маркоски, кон конкурира и за Вишо, Ана Гоговска -Јакимовска и Ана Стојановиќ- Димитровска.

Мандатот на обвинителите во организиран е 4 години, а со ова обвинителство раководи обвинителот Ислам Абази.

Пред половина година мандат во ова обвинителство добија и обвинителките Наташа Поп- Трајкова и Катерина Коларевиќ.