Седумдневна жалост за жртвите од трагичната несреќа во Кочани

Ваквата одлука беше донесена на вчерашната вонредна владина седница, по трагичниот настан што се случи вчера наутро во Општина Кочани каде во несреќен случај при пожар на дискотека животот го загубија 59 млади лица, а над 100 луѓе се хоспитализирани и им се укажува лекарска грижа.

Во спомен на жртвите од трагичната несреќа во Кочани, од денеска е седумдневна жалост на територија на цела држава. Националното знаме на земјава денеска ќе се вее на половина копје.

Ваквата одлука беше донесена на вчерашната вонредна владина седница, по трагичниот настан што се случи вчера наутро во Општина Кочани каде во несреќен случај при пожар на дискотека животот го загубија 59 млади лица, а над 100 луѓе се хоспитализирани и им се укажува лекарска грижа.

– Секој да се придржува до одлуката бидејќи казните за непочитување ќе бидат ригорозни. Во овие денови Министерството за надворешни работи ќе отвори книга на жалост во рамки на Министерството за огромната несреќа која се случи, соопшти владината прес-служба.

Од Владата изразија сочувство до семејствата на жртвите во овој трагичен настан.

– Не постои збор кој може да ја ублажи болката за ненадомесливата загуба. Целиот здравствен и медицински тим во сите здравствени установи е на располагање и пружи здравствена нега и помош за брзо закрепнување на повредените. Во овие исклучително тешки и тажни моменти за целиот македонски народ, замолуваме да не се политизира случајот, за институциите да можат навремено и соодветно да го расветлат случајот. Ниту една информација нема да биде скриена од очите на јавноста, се наведува во соопштението од Владата.

Сите планирани настани во установите од областа на културата во текот на оваа недела се откажуваат, информира Министерството за култура и туризам.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков изрази длабоко сочувство до семејствата на загинатите, а на повредените им посака брзо закрепнување. Иинформира дека сите институции од областа на културата во Скопје ги отвораат вратите и се ставени на располагање за поддршка на семејствата и на сите оние на кои тоа им е потребно.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) вчера преку соопштение им укажа на медиумите дека треба да го усогласат своето работење со деновите на жалост.

– Медиумите да емитуваат/објавуваат содржини кои по својата медиумска функција одговараат на деновите на жалост. Музиката што ќе ја емитуваат да биде од музички жанрови соодветни за денови на жалост, а емитувањето на забавните шоу програми, хумористичните емисии или играната програма од жанрот комедија да се одложи по нивното завршување. Воедно, до завршувањето на деновите на жалост треба да се одложи и емитувањето реклами, односно сите форми на комерцијални комуникации, наведуваат од АВМУ.

За време на деновите на жалост радиодифузерите се ослободени од обврската за емитување одреден процент домашна музика.

Агенцијата ги повикува медиумите да продолжат да известуваат професионално, да внимаваат на достоинството на жртвите, повредените и нивните семејства и при информирањето да користат проверени извори и релевантни соговорници.