
Собраниската комисија за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) денеска ќе одржи седница на чиј дневен ред е Предлогот за заклучок за вршење на надзор над работата на АНБ.
Со Комисијата треба да претседава претседателот на Комисијата Скендер Реџепи, според договорот што го постигнале членовите на Комисијата, а за тоа го информирале и претседателот на Собранието Африм Гаши.
– Самите дојдоа до договор и јас го почитувам тоа, изјави вчера претседателот на Собранието на брифинг со новинарите.
По седницата, оние членови на Комисијата кои имаат безбедносни сертификати, ќе одат во надзорна посета на АНБ.
Седницата на Комисијата беше свикана на предлог на пратеникот Љупчо Пренџов откако во јавноста излезе информација дека АНБ во периодот од 2019 до 2024 година го прислушувала премиерот Христијан Мицкоски, тогашен опозициски лидер, новинари и бизнисмени.
Директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски во изјава за медиумите рече дека целата документација е испратена во Обвинителството, а премиерот Христијан Мицкоски неколкупати досега изјавуваше дека очекува Обвинителството да постапи.
Од опозицијата бараат декласификација на документацијата, а на прес-конференции, како што најавија, ќе ја објавуваат вистината за случајот АНБ.
Премиерот Мицкоски во неговиот говор на централната прослава по повод Денот на независноста рече дека не е прашање дали ќе се декласифицираат материјалите, туку вистинското прашање е како да се спречат злоупотребите. Според Мицкоски, мора да има одговорност.
-Се следи и прислушкува од 90-тите години. И една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци, блиски до минатата власт, оперираат со системот. Со ваквите чекори се удира по основите на демократијата, се удира по уставниот поредок, а последиците на таквиот извитоперен систем не само што уништуваат генерации луѓе, туку и ја доведуваат во опасност целата држава, каде на тацна го ставаат безбедносниот систем. Ваквите удари уништуваат и човечки судбини, најчесто и измислувајќи ситуации, контакти, додавајќи работи кои не постојат. За ова сум сведок и јас лично, гледајќи го материјалот од моето следење, рече Мицкоски.