Во СДСМ во тек е продолжение на седницата на Извршниот одбор што почна на 23 мај, а на која надлежните комисии треба да ги презентираат правилникот и роковникот за предвремените внатрепартиски избори за претседател и раководство на партијата.
На седницата на 23 мај Димитар Ковачевски и формално поднесе оставка од лидерската позиција.
Извршниот одбор на СДСМ ја задолжи Централната изборна комисија врз основа на Статутот на партијата да предложи правилник со предлог роковник за спроведување на директните внатрепартиски избори во текот на јуни во транспарентна и демократска постапка.
– Бидејќи избраната Централната изборна комисија согласно Статутот се уште има мандат, во истиот состав ќе ја спроведе постапката за нови непосредни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ. Извршниот одбор ја задолжи Централната изборна комисија врз основа на Статутот на партијата да предложи правилник со предлог роковник за спроведување на директните внатрепартиски избори во текот на месец јуни во транспарентна и демократска постапка, информираа од СДСМ.
Со повлекувањето на претседателот на СДСМ, како што информираа од партијата, сите претседатели на Општински организации и претседателот на Градската организација се во оставка со оглед на фактот дека се именувани од страна на претседателот, а нивната функција ќе ја извршуваат до избор на нови.