
Северна Кореја повторно тестираше хиперсонични ракети
Пјонгјанг во последните две години значително ги прошири своите ракетни тестирања, истовремено заострувајќи ја својата реторика против САД и Јужна Кореја, а, истовремено, ја зајакна својата воена соработка со Русија.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун надгледувал пробни летови на хиперсонични ракети, објави утринава државната агенција КЦНА.
Вежбата, пренесе ДПА, била спроведена вчера под надзор на Ким.
Хиперсоничните ракети биле лансирани од Пјонгјанг кон североистокот на земјата и ги погодиле своите наменети цели на 1.000 километри оддалеченост, соопшти КЦНА.
Агенцијата соопшти дека Ким вежбата ја оценил како „многу важна стратешка задача за одржување и проширување на моќно и сигурно нуклеарно средство за одвраќање“.
Информациите дадени од севернокорејските власти не можеа да добијат независна потврда, пренесе ДПА.
Јапонската агенција Кјодо, повикувајќи се на јапонската крајбрежна стража, утринава соопшти дека биле испукани две сомнителни балистички ракети.
Јужнокорејската агенција Јонхап,пак, повикувајќи се на Генералштабот на војската во Сеул, објави дека ракетите летале кон Источното Море, познато и како Јапонско Море.
На Северна Кореја ѝ е забрането со резолуции на ОН да лансира, па дури и да тестира балистички ракети од каков било дострел. Ова се обично ракети земја-земја кои можат да бидат опремени и со нуклеарна боева глава, потсетува ДПА.
Пјонгјанг во последните две години значително ги прошири своите ракетни тестирања, истовремено заострувајќи ја својата реторика против САД и Јужна Кореја, а, истовремено, ја зајакна својата воена соработка со Русија.