СДСМ ќе го поддржи ребалансот на Буџетот на Град Скопје
Во пресрет на најавениот ребаланс на Буџетот на Град Скопје, советничката група на СДСМ испраќа порака дека ќе настапи рационално и одговорно. Поддршката за ребалансот, велат, не произлегува од согласување со политиките на градската власт, туку од потребата да се обезбеди непречено функционирање на јавните претпријатија и да се заштитат граѓаните и вработените.

Во разговорот, СДСМ отвара и теми поврзани со новогодишното украсување, отпуштањата на вработени, акцијата „72 часа за чисто Скопје“ и приоритетите за буџетот во 2026 година, нагласувајќи дека ќе биде конструктивна, но будна опозиција — со фокус на отчетност, функционалност и паметно трошење јавни пари.
-Го имаме видено ребалансот на буџетот. Како советничка група ќе го поддржиме, затоа што, пред се, тој е неделив, не можеме да одредиме кои од средствата што се дел од ребалансот и за која намена ќе ги прифатиме, а за која не. Меѓутоа, еден дел од ребалансот се однесува на брзо санирање на некои ситуации, особено во јавните претпријатија – како што е недостигот на средства во јавниот превоз и платите на дел од вработените во јавните претпријатија. Со цел да не предизвикаме негативни импликации и штета директно по фамилиите и по вработените, а и во зимски услови да овозможиме да не се блокира процесот на нормално течење на јавниот превоз, а со тоа и да се придонесе кон намалување на загадувањето, ќе го поддржиме ребалансот, вели во разговор за „Локално“, координаторката на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје, Катерина Цаневска.
Меѓутоа, додава советничката, дека нотираат одредени ставки со кои не се согласуваат – особено тоа што, во услови кога претпријатијата се во загуба, се предлага јавна набавка и средства за агенција за привремени вработувања, што е дополнително оптоварување и, според нив, се однесува исклучиво на кабинетот на овој новоизбран градоначалник.