СДСМ: Ќерка фирма на Казанџи Холдинг обвинета за корупција во Гана

-Бараме целосна транспарентност за сите досегашни преговори и активности поврзани со овој проект. Бараме безусловно почитување на законот и јавна дебата за развојот на енергетскиот сектор. Нема да дозволиме иднината на нашите граѓани и енергетската стабилност на државата да бидат заложници на криминални и нетранспарентни договори. Нашата борба за владеење на правото и заштита на јавниот интерес продолжува, реагираат од СДСМ.

СДСМ реагираат дека владејачката партија подготвува „уште еден срамен чин на предавство на националните интереси“ и дека, наместо да спроведе транспарентна и законска постапка за изградба на нов дистрибутивен систем за природен гас, како што е наведено во Законот за енергетика (кој патем сама го донесе), зад затворени врати подготвува потпишување на нелегален меморандум за соработка.

-Овој потег не е само заобиколување на Законот за енергетика, туку е и директен удар врз енергетската иднина и безбедност на Република Северна Македонија. Замислете, во земјите од ЕУ граѓаните се исклучуваат од природниот гас и своите гасни бојлери ги заменуваат со топлински пумпи, а кај нас допрва ќе се градела дистрибутивна мрежа на гас. Сите развиени земји од ЕУ го спроведуваат јасниот план за намалување на употребата на природниот гас во домаќинствата. Ги прашуваме премиерот и министерот за енергетика:

Зошто се заобиколува членот 94 од Законот за енергетика, кој јасно налага изборот на партнер за изградба на дистрибутивната мрежа да се врши преку транспарентна тендерска постапка?

Чии интереси ги штити власта кога за стратешки партнер избира компанија која веќе е фатена и откриена во истраги за поткуп и сомнителни зделки?

Дали власта спрема огромна корупција: Ќе соработува со Казанџи Холдинг, чија ќерка фирма АКСА ЕНЕРЏИ е обвинета за корупција во Гана?

Дали овој меморандум е цената што треба да ја платат граѓаните за нечии лични и партиски бизнис интереси?

Дали имате направено анализа за потребите од електричната енергија како и од природниот гас, со потребните сценарија како би се реализирала инвестицијата?

Дали подгoтвивте Стратегија за развој на енергетиката за следните 20 години, што ви е обврска по законот за енергетика.

Што доколку граѓаните не сакаат да се приклучат на природен гас, имајќи во предвид дека, сите релевантни анализи покажуваат дека овој енергенс е најскап за користење за граѓаните.

Што му ветивте зад затворени врати, на странски инвеститор, за да вложи 1 милијарда евра?- порачуваат во реакцијата од СДСМ.

Опозициската партија бара итно и неотповикливо откажување од намерата за потпишување на каков било меморандум со споменатата компанија.

-Бараме целосна транспарентност за сите досегашни преговори и активности поврзани со овој проект. Бараме безусловно почитување на законот и јавна дебата за развојот на енергетскиот сектор. Нема да дозволиме иднината на нашите граѓани и енергетската стабилност на државата да бидат заложници на криминални и нетранспарентни договори. Нашата борба за владеење на правото и заштита на јавниот интерес продолжува, реагираат од СДСМ.