
СДСМ ја отвори онлајн петицијата против, како што велат, плановите на власта за мигранти во Македонија
Со отворањето на веб-страницата, граѓаните треба да остават име и презиме, телефонски број или електронска адреса или, пак, може да ја одберат опцијата да се потпишат анонимно. Исто така, има опција и да се остави коментар во врска со петицијата.
Онлајн петицијата што денеска ја најави лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, веќе е отворена и сите граѓани може да ја потпишат со отворање на линкот:
https://peticija.mk/Petitions/Details/64.
„По најавата на претседателот Венко Филипче, СДСМ го направи првиот чекор, покрена онлајн петиција против плановите на власта за мигранти во Македонија. Одбраната на Македонија почнува сега. Ги повикуваме граѓаните да нè поддржат во одбраната на Македонија, да го спречиме ова антидржавно и антинационално однесување на ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението од СДСМ.

Со отворањето на веб-страницата, граѓаните треба да остават име и презиме, телефонски број или електронска адреса или, пак, може да ја одберат опцијата да се потпишат анонимно. Исто така, има опција и да се остави коментар во врска со петицијата.
Досега петицијата ја имаат потпишано 584 граѓани, а до целта, како што е наведено, потребни се уште 49 416 потписи, а таа ќе биде активна 30 дена.
Филипче денеска, обвинувајќи ја власта за, како што кажа, тајните преговори и договори со Велика Британија за депортација на мигранти од островот во земјава, најави активности во насока на спречување насилно внесување мигранти во Македонија.
Филипче на денешната прес-конференција кажа дека уште пред неколку месеци ја најавиле, како што рече, опасноста што нè очекува со мигрантите, а за која, додаде, сега дознаваме од британските медиуми.
Од овие пишувања на медиумите од островот, додаде тој, дознаваме дека според разговорите што се воделе, мигрантите треба да бидат интегрирани во нашето општество и на пазарот на трудот, особено од градежништвото, и тука да имаат трајни живеалишта.
Дури, како што рече лидерот на СДСМ, од Велика Британија доаѓаат детални информации дека Лондон ќе ѝ исплаќа на Македонија 20 000 фунти по мигрант согласно договор за т.н. повратни центри.
Во врска со мерките и активностите што ги планираат социјалдемократите, Филипче рече дека за почеток од партијата ќе покренат иницијатива против овој план. А доколку власта го игнорира овој чекор, тој најави дека ќе бидат преземени други, посилни активности.
За потсетување, британските медиуми минатата недела објавија дека Велика Британија можеби ќе ги депортира одбиените баратели на азил во Северна Македонија, во обид да ја обесхрабри нелегалната миграција со чамци во земјата. Според објавите, двете држави од есенва биле влезени во формални преговори за да се реализира овој план.