
СДСМ ја оспори пред Уставен резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ усвоија неуставна Резолуција со која директно се загрозуваат слободата на говорот и слободата на политичко дејствување на опозицијата, рече денеска потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, која ја оспори резолуцијата пред Уставниот суд.
ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ усвоија неуставна Резолуција со која директно се загрозуваат слободата на говорот и слободата на политичко дејствување на опозицијата, рече денеска потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, која ја оспори резолуцијата пред Уставниот суд.
– СДСМ нема да дозволи гушење на демократијата и слободата на говор. Заедно со граѓаните ќе ја одбраниме Македонија, ќе ја одбраниме демократијата – рече Тренчевска.
Таа рече дека целта на власта е да ја замолчи опозицијата и да се забрани каква било дебата за договорот мигранти за пари.
– Секој што ќе зборува јавно за мигранти, да се таргетира со закани за кривични пријави и затвор. Затоа и забрзано работат на воспоставување контрола врз судството и обвинителството. Кога се носат неуставни резолуции против опозицијата, тоа е автократија – вовед во диктатура, режим – порача Тренчевска.
Таа посочи дека СДСМ ова нема да го дозволи и силно ќе се спротивстави.
– Ќе поднесеме претставка до Уставниот суд за уривање на уставниот поредок. Предавничката Резолуција е спротивна на Уставот во делот на основни човекови слободи и права на граѓанинот – слободата на изразување која е неприкосновена. И тоа ја прави неуставна. Ќе се обратиме до сите релевантни меѓународни институции, ќе побараме помош и од институциите на ЕУ, од сестринските партии во Европа. Со сите демократски алатки и механизми што ни стојат на располагање ќе се бориме за Македонија, за слободата и демократијата. Борбата продолжува – посочи Тренчевска.
Со Резолуцијата пратениците утврдија дека не било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или трајни форми на сместување мигранти во Македонија и дека таквите активности не се и нема да бидат дел од владините политики.