
СДСМ денеска ја оцени одлуката на Владата за „зголемување“ на минималната плата од 1.800 денари како срамна, понижувачка и крајно неодговорна.
„Што да прават работниците со 1.800 денари во услови кога истата оваа Влада дозволи екстремно зголемување на цените на храната и на производите“, рече во изјава за медиумите Кристина Костова, потпретседател на партијата, додавајќи дека „Владата на ДПМНЕ очигледно нема допир со реалноста и покажува тотална негрижа за најважното, стандардот на граѓаните“.
„Како пресметаа дека 1.800 денари им се доволни на работниците?“, праша Костова, посочувајќи дека граѓаните секојдневно се борат да преживеат, со високи цени, високи сметки, а со мизерни плати, а растот на трошоците за живот е сериозен притисок врз семејниот буџет и граѓаните едвај врзуваат крај со крај.
Таа потсети дека потрошувачката кошница во февруари 2025 достигна 63.773 денари како и дека е за над 100 евра зголемена во споредба со лани.
„И со ова бедно зголемување, повторно две минимални плати не се доволни за да се покријат основните месечни трошоци на едно семејство“, рече Костова, додавајќи дека додека граѓаните бираат дали да купат храна или да платат сметки, ДПМНЕ во историски најголемиот буџет не предвиде пари за работниците.
„За работниците остави трошки и ги остави во сиромаштија. Граѓаните да живеат на воздух, а владата на манго и папаја. Срамота“, рече таа, нагласувајќи дека за прв пат откако е воведена минималната плата, власта ја донесе одлуката за нејзина корекција без консултација и без да ги слушне барањата на работниците.
Таа најави дека СДСМ ќе поднесе закон за зголемување на минималната плата.