СДСМ со порака до Мицкоски да прифати уставни измени за европскиот пат на граѓаните

СДСМ преку соопштение го охрабрува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да остане на ставот за прифаќање уставни измени за, како што велат, доброто на земјата.

-Минатата среда целата македонска јавност го слушна Мицкоски како вели дека се согласува со предлогот на претседателот Ковачевски за уставни измени и учество во заедничка Влада, под одредени услови. Сега не е време за политички калкулации и мерење на партиските и личните рејтинзи, сега е време на одговорност, пред сопствените граѓани, пред иднината на државата, истакнуваат од владеачката партија.

Од „Бихаќка“ нагласуваат дека не треба да се пропушти оваа шанса.

-Сега треба дијалогот да продолжи се до заокружување на процесот и обезбедување на европската иднина на државата, стои во партиското соопштение.

ВМРО-ДПМНЕ вчера го објави својот конечен став во однос на уставните измени.

-Ефективни уставни измени по успешното завршување на преговорите и членството на (Северна Република) Македонија во ЕК, ова е последниот и конечен став на ВМРО-ДПМНЕ. Доколку ЕУ навистина сака да ја види Македонија во европското семејство , ова е одлична позиција за компромис и продолжување на процесот. Го охрабруваме Европскиот совет сериозно да го погледне ставот на ВМРО-ДПМНЕ и заедно да дадеме можност за иднина на македонските граѓани со зачувано достоинство и идентитет, порачаа од најголемата опозициска партија.

Вчера од делегацијата на ЕУ во Скопје потсетија дека се јасни заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година во однос на уставните измени и свикувањето на Втората меѓувладина конференција.