„ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски, со блокирање на евроинтеграциите и на носењето важни законски решенија за граѓаните во Собранието повторно се стави на погрешната страна на историјата. Владата предводена од СДСМ ги започна преговорите за членство во ЕУ, за реализација на стратешкиот интерес за полноправно членство во ЕУ како Македонци, кои говорат македонски јазик, а ВМРО-ДПМНЕ прави опструкции и блокади на евроинтеграциите, на штета на државата и на граѓаните. Истовремено над 50 закони со месеци се закочени во Собранието од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и тоа е неодговорно во време на криза. Голем дел од овие законски измени се за граѓаните, стопанството и енергетскиот сектор полесно да ја поминат кризата“, се вели во соопштението на СДСМ.
Од СДСМ обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ во Собранието блокираше законски решенија и за време на пандемијата со коронавирусот, блокираше и кога немаше криза.
„Мицкоски лицемерно продава лажна загриженост за граѓаните, само декларативно се залага за членство во ЕУ, а истовремено блокира се што е во интерес на граѓаните и на државата. Мицкоски се стави на погрешната странa на историјата, но не може да ја закочи европската иднина“, велат од партијата.