СДСМ: Ралев очигледно се ангажирал во политиката за личен бенефит

„Дилови со Орце Ѓорѓиевски, кој е класичен избор на партиската олигархија на ВМРО-ДПМНЕ, ние нема зошто да толкуваме“, велат од СДСМ.

Мотивите за ангажман во политиката очигледно биле на ниво на личен пазар, е ставот на СДСМ во однос на приклучувањето на деканот на факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ колеџ“-Скопје, Мишко Ралев, во тимот на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Оваа реакција следува откако Ралев, како што самиот претходно соопшти, беше во потесниот круг на СДСМ при изборот за кандидат за градоначалник на Град Скопје, пред да биде објавена одлуката дека кандидат на опозиција за претстојните локални избори ќе биде ексминистерката Каја Шукова.

„Најпосакуваниот кандидат“ од СДСМ за градоначалник на Скопје, стана дел од тимот на Орце Ѓорѓиевски

„Дилови со Орце Ѓорѓиевски, кој е класичен избор на партиската олигархија на ВМРО-ДПМНЕ, ние нема зошто да толкуваме. Може само да констатираме дека за жал станува очигледно дека мотивите за неговиот ангажман во политиката биле на ниво на личен пазар“, велат од СДСМ.

Информацијата за соработката на Ралев и Ѓорѓиевски ја објави актуелниот градоначалник на Кисела Вода.

„Голема чест и искрена благодарност до професорот Мишко Ралев што се приклучува во мојот тим за поубаво Скопје. Со своето богато искуство, визија и интегритет, тој претставува силна поддршка и уште поголема мотивација за нас. Академската заедница и научно-истражувачката дејност на реномираните професори секогаш ќе имаат отворена врата и заслужено место во визијата за напредно и современо Скопје. Заедно ќе работиме Скопје повторно да го направиме достоинствен град — град на идеи, вредности и иднина!“, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук со заедничка фотографија со Ралев.

Дека Ралев дефинитивно беше дел од плановите на СДСМ, потврди и самиот неодамна во интервју за „Трилинг“.

(Видео) Трилинг: Архитектот Мишко Ралев можен кандидат за градоначалник на Скопје