СДСМ: Пред нас е предлог со чист македонски јазик, Мицкоски сака да и наштети на државата

Предлогот на француското претседателство е јавно објавен и граѓаните јасно можат да видат се. Она што е клучно, како што појаснуваат е тоа што се вградени нашите ставови и забелешки, имаме чист македонски јазик во ЕУ, македонскиот идентитет е заштитен целосно, историските прашања не се дел од преговарачкиот процес, велат од СДСМ.

„Потонаа во вода и сите измислици и лаги за наводна бугаризација и асимилација. Во меѓувреме, започнат е широк процес на консултации за овој предлог, како солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста која се отвора за нашата земја. Кога се во прашање теми од врвен национален и државен интерес, како што е евроинтеграцискиот пат на државата, иднината на граѓаните и заштитата на македонскиот идентитет, потребна е одговорност, зрелост и државнички капацитет. И тоа го гледаат сите, освен Христијан Мицкоски кој сака отворениот процес на широки консултации да го попречи на самиот почеток, преку протести“ – реагираат од владејачката партија.

Оттаму порачуваат дека „Вчера Мицкоски отворено пред целата јавност призна дека е против интеграција во Европската Унија.

Според оваа партија, со таквото негово признание Мицкоски потврдил дека никогаш не бил за членство на државата во ЕУ, дека свесно и намерно ги правел сите блокади и опструкции кои ја оддалечуваа државата од интеграција во ЕУ.

„Со месеци Мицкоски бараше предлозите да се консултираат со него и опозицијата, а сега кога ја има можноста тој од тоа бега. Заедничкото делување со проруската инсталација Левица покажува дека ова е делување на анти НАТО и ани ЕУ коалиција. Ништо ново не се деструкциите, блокадите, обидите за нови поделби од страна на ВМРО-ДПМНЕ, но тие секогаш биле препознавани и поразувани од граѓаните и така ќе биде и сега“ – се вели во соопштението од СДСМ.