
Обвинувајќи дека се случува „брутална партизација“ на Министерството за внатрешни работи СДСМ поднесе иницијатива до Уставниот суд за Законот за внатрешни работи.
„Додека криминалот и корупцијата царуваат насекаде, скандали со 5 тони дрога кои водат до врвот на власта, во МВР се случува операција за отстранување на неподобните професионалци и ставање партиски послушници.
Со новиот Закон за внатрешни работи, кој го донесоа и го менуваа неколку пати за само една година, ВМРО-ОКГ и Панче Тошковски ги деградираат професионалците и инсталираат партиска војска во полицијата. Тошковски прераспоредува полициски службеници ‘по потреба на службата’, без никакви критериуми и без согласност на вработените“, изјави генералниот секретар на партијата Александар Димитриевиќ пред Уставниот суд.
СДСМ тврди дека Тошковски удира и по џебот на полицајците и дека работното искуство веќе не бил дел од основната плата. „Го укинува загарантираниот додаток за овластување од 20% и 30%, а наместо тоа, Тошковски носи класифицирани листи за тоа кој заслужува додаток на плата.
Значи платата на полицаецот повеќе не зависи од неговиот труд и закон, туку од желбата на Панче Тошковски.
Денеска поднесуваме иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на овој скандалозен Закон за внатрешни работи.
Бараме итно поништување на спорните одредби и стопирање на сите незаконски прераспоредувања и постапки на Тошковски кои се донесени врз основа на овој Закон“, рече Димитриевиќ.