Пратеникот од редовите на СДСМ, Ненад Коциќ на прес-конференција во Собранието во врска со отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид изјави дека не поддржуваат отворање на клубови на ниту еден поддржувач и извршител на Третиот Рајх.
„СДСМ осудува провокации од каков било вид. Оваа земја почива на херојството на нашите предци и делата на македонската антифашистичка борба. За нас, значењето на антифашистичката борба е исклучителна, државничка и безвременска. Затоа, наша обврска е институционално да најдеме решение да ги затвориме овие прашања кои свесни сме дека иритираат, но уверени сме дека се спорадични и предизвикани од нечиј трет интерес. Бидејќи постојат поединци и партии кои сакаат нашите две држави да останат во вечен конфликт, кои нема да донесат ништо добро. Факт е дека нашите закони во овој дел имаат одредени недоречености за што се потребни законски промени“, рече Коциќ.
Тој посочи и дека пратениците од СДСМ повикуваат да се разгледа преку широка јавна дебата новиот закон за здруженија и фондации со цел да се дојде до решение преку инклузивен процес. Законот, според Коциќ, ќе биде во интерес на заштита на македонскиот идентитет, јазик и култура во иднина.
Коциќ посочи и дека СДСМ секогаш била на вистинската страна на историјата, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ. Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека СДСМ е партија „чиј претседател кажа дека македонскиот и бугарскиот народ се ист народ, трајно ги нагриза нашите позиции и го загрози идентитетот“.
Во Охрид денеска се отвори вториот бугарски клуб во земјава кој го носи името „Цар Борис Трети“. Левица организираше протест пред клубот, кој беше поддржан и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.