СДСМ нема да им кажува на граѓаните за кого да гласаат, очекувам опозиционото расположение да расте, објави Филипче

Фотографијата на Маја Мојсова со Сотир Лукровски лидерот на СДСМ ја објасни со политичко неискуство.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ги повика гласачите наклонети на оваа партија да гласаат по свое убедување и според вредностите за кои се залагаат, јасно нагласувајќи дека нема намера да навлегува во никакви констелации и заткулисни договори околу вториот круг на изборите.

Тој фотографијата на кандидатката за градоначалник за Карпош, Маја Мојсова, со Сотир Лукровски како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ ја препиша на „политичко неискуство“, најавувајќи дека денес ќе има средба со неа, иако таа веќе се огради преку социјалните мрежи од можноста да му дава поддршка нему против Стевчо Јакимовски, опозициски кандидат.

Филипче притоа ги повика гласачите да излезат масовно и да гласаат за нивните кандидати, оценувајќи дека гласањето е најсилен протест за она што се случува во државата.

„Барам максимална поддршка за кандидатите на СДСМ во вториот круг од локалните избори“, рече Филипче, порачувајќи дека тоа се луѓе кои нема да работат за поединци, нема да работат за него, туку за народот и со реални програми.

„Во вториот круг бараме поддршка од сите граѓани, ги повикуваме сите кандидати кои не поминаа во вториот круг да се приклучат во оваа борба. Онаму каде што нашите кандидати не поминаа, секој наш гласач има право да избере по сопствено убедување кандидат кој е поблизок до социјалдемократските вредности. Очекувам опозициското расположение да расте, а поддршката за власта да опаѓа откако загубија 140.000 гласови“, објасни Филипче.

Претходно тој се пожали дека кандидатите на СДСМ континуирано се изложени на притисоци од страна на власта, што според него е типично за владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

Гласовите на СДСМ инаку ѝ требаат на власта, пред сѐ за да победи во Карпош, во Скопје, во Кичево, во Струга, во Куманово и во Тетово, но Филипче децидно тврдеше дека немаат намера да дадат поддршка за кандидатите на владејачката коалиција, каде и да е.

Освен Лукровски, наводна поддршка пропагираше и кандидатот на ЗНАМ за општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, но не од СДСМ бидејќи имаат кандидат, туку од независната кандидатка Билјана Ивановска – од што таа се огради дури двапати.

Вчера на социјалните мрежи граѓани препорачуваа да не се излегува низ град за да не ги сретне Сотир Лукровски и да ги објави како му даваат поддршка, иако ваквите подметнувања му помагаат во некоја мерка на ВМРО-ДПМНЕ, но и сигнализираат дека не се толку сигурни во победата, па мора да користат трикови со поддршки, со дебати и со досиеја од службите.