
Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска изнесе серија обвинувања кон премиерот Христијан Мицкоски во врска со наводната афера со прислушување за која, според СДСМ, власта се плаши да ги објави документите бидејќи ќе се види во какви антидржавни активности е тој вклучен.
„Очигледен е стравот на премиерот, Христијан Мицкоски од содржината на материјалите кои треба да го докажат наводното негово следење од страна на службите. Со вчерашната изјава премиерот потврди дека нема никаква намера да ги декласифицира документите кои би ги докажале неговите наводи дека нелегално бил следен. СДСМ уште еднаш прашува од каде толкав страв од објавувањето на содржината на материјалите од наводното следење?
Ако СДСМ прислушувала како што тврди власта, зошто се плаши да ги декласифицира документите? Што во тие документи го плаши Христијан Мицкоски толку многу? Дали овие документи содржат докази за соработка на Мицкоски со странски непријателски служби? Дали Мицкоски работел на штета на интересите на државата за странски пари? Дали Христијан Мицкоски имал комуникација со руски агентури кои финансирале екстремизам и дестабилизација на државата? Дали овие документи содржат наводи за нелегално финансирање на партијата, ВМРО-ДПМНЕ поврзано со „Делчевски ниви“?
Ако Христијан Мицкоски се плаши од декласификација на овие документи го повикуваме директорот на АНБ, Бојан Христовски да го стори тоа и да го стави државниот интерес пред интересот на партијата, порача Кузеска од СДСМ.
Ваквите дилеми СДСМ ги отвори додека премиерот е во Будимпешта наводно за да гледа фудбалски натпревар со синовите, пред избори и по покана на Виктор Орбан иако можел сам да си купи карта на интернет. Унгарија патем е една од државите која се сомничи за давање пари и ресурси на ВМРО-ДПМНЕ на изборите, покрај официјален Белград и Анкара. Според ова соопштение, можно е Мицкоски да договарал или користел вакви услуги и со Москва.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, откако самите го продуцираа скандалот, сега место да отворат простор да се расчистува, ја шират приказната со смешни фолклорни елементи, од кои последниот е дека, ако АНБ го прислушувала Мицкоски, тогаш ги прислушувале и неговите синови и sопругата. т.е. семејството.
„И СДСМ и поранешниот нивен директор на АНБ, Виктор Димовски признаваат дека имало следење и прислушување на неистомислениците, критички кон нив настроените новинари, јавни личности. Во обид да се извлече од целата ситуација, откако СДСМ потврди дека имало прислушување, Димовски призна дека во период на изборни циклуси во државата процениле дека било неопходно да се следи ВМРО-ДПМНЕ, на чело со претседателот Мицкоски, како тогашна опозиција.
Која безбедносна закана би биле партиските активности на партијата во пресрет на тогаш локални и парламентарни избори, освен закана СДСМ да си замине од власт. Ова нивно признавање за петгодишно следење и прислушкување на претседателот Мицкоски значи дека не само тој, туку и неговото семејство било предмет на следење на тајните служби.
Овие безбедносни служби, наместо да се грижат за безбедноста и да го штитат интегритетот на државата и граѓаните, тие биле маша за политичка борба и притисок на СДСМ, а главен извршител бил Виктор Димовски. Виктор Димовски многу добро знае што правел, и какви кривично-правни последици има тоа и токму затоа треба јавно да признае што и по чија наредба од врвот на политиката правел“, се вели во соопштението. И нормално, соопштението завршува со редовната поента – дека зад аферата стојат семоќниот Зоран Заев и „неговиот“ јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Последниот збор секако за скандалот ќе го има Виктор Димовски ако ВМРО-ДПМНЕ не дозволи да се обелоденат фамозните документи околу прислушувањето на Мицкоски.
Инаку, седницата на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, која првично беше закажана минатата недела па двапати откажана, треба да се одржи утре, на 10 септември. За истиот ден е предвидена и надзорна посета во просториите на Агенцијата за национална безбедност.