
СДСМ исклучува од членство член на Советот на општина Карпош
На денешната седница Извршниот одбор на СДСМ донесе одлука да започне постапка за исклучување од членство Радослав Трошановски, член на Советот на општина Карпош, заради непочитување на одлуките и ставовите на СДСМ и работење спротивно на интересите на партијата.
На денешната седница Извршниот одбор на СДСМ донесе одлука да започне постапка за исклучување од членство Радослав Трошановски, член на Советот на општина Карпош, заради непочитување на одлуките и ставовите на СДСМ и работење спротивно на интересите на партијата. Трошановски и еден член на ГРОМ му помогнаа на ВМРО-ДПМНЕ, иако нема мнозинство во Советот да избере свој член за негов претседател.
Советникот гласаше за изборот на претседател на Советот во Карпош спротивно на партиските одлуки и ставови. Согласно Статутут на СДСМ, непочитување на одлуките, работење и гласање спротивно на интересите на СДСМ како и нанесување значителна штета на партијата повлекува одговорност, а тоа се однесува и на сите избрани советници.
ИО на СДСМ најостро ги осудува сите притисоци, уцени и закани врз советниците во советите на општините на локално ниво од страна на ВМРО-ДПМНЕ, за што партијата ќе преземе соодветни мерки за нивна заштита, се вели во соопштението на партијата.
Гласност во јавноста на оваа информација за промена на страните ѝ даде советничката од „Независни за Карпош“, Татјана Стојановска, во објава на својот профил на Фејсбук. При изборот на претседател на Советот по еден советник од ГРОМ и од СДСМ му помогнаа на ВМРО-ДПМНЕ да избере Христо Саракинов, носителот на листата на партијатата, за прв човек на Советот.
ВМРО-ДПМНЕ, иако победи во градоначалничката трка со кандидатот Сотир Лукровски и освои најголем број места во општинскиот совет, сепак нема мнозинство. Од 27 члена, 12 се од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и еден од ЗНАМ, додека по четири имаа СДСМ, Левица и коалицијата „Искуство за успех“, во која членува и партијата ГРОМ на досегашниот градоначалник Стевчо Јакимовски. Тројца се независни.
Стојановска тогаш напиша дека независната група одлучила таа да се кандидира за претседател на Советот за да се оневозможи концентрација на политичката моќ во Општината само во една партија, односно да им се даде можност на другите советнички групи да имаат, како што напиша, „една функција надвор од комплетното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Имаше двајца кандидати, јас и координаторот на ВМРО-ДПМНЕ. Гласачите мора да знаат дека таа можност ја отфрлија еден член на ГРОМ, Зоран Краљевски, и еден член на СДСМ, Радослав Трошановски. Тие гласаа за претседател на Советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ“, напиша Стојановска во објавата.