
СДСМ: Зошто Мицкоски ја штити главната инспекторка за економски криминал во ОВР Кочани, Кристина Јованова?
СДСМ изрази загриженост зошто по речиси три месеци нема ниту еден актуелен функционер обвинет за најголемата трагедија во независна Македонија. Костовски директно праша дали Мицкоски ја штити Кристина Јованова, која, според него, морала да знае дека во дискотеката „Пулс“ се случува економски криминал.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска продолжи со прашања упатени до премиерот Христијан Мицкоски, а кои се однесуваат на трагедијата во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани во која загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски, денеска на прес-конференција го праша премиерот Христијан Мицкоски „зошто ја штити главната инспекторка за економски криминал во ОВР Кочани, Кристина Јованова“.
Костовски постави низа прашања за нејзината улога и одговорност во врска со „Пулс.
„Зошто Христијан Мицкоски го плаши вистината за трагедијата во Кочани? Дали најголемиот страв на власта е дека ако се соочат со правдата виновниците и актуелните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, истрагата ќе стигне до највисоките структури во власта на чело со премиерот?“, праша Костовски.
СДСМ изрази загриженост зошто по речиси три месеци нема ниту еден актуелен функционер обвинет за најголемата трагедија во независна Македонија. Костовски директно праша дали Мицкоски ја штити Кристина Јованова, која, според него, морала да знае дека во дискотеката „Пулс“ се случува економски криминал.
Од партијата прашуваат дали се работи за уште еден партиски кадар кој носел и дома и во партија?
„Како е можно двајца полицајци кои минатата година ја казниле дискотеката поради нарушување на јавен ред и мир, пишувајќи казна на неактивната фирма ДПТУ ’Класик ДМ’ ДОО на газда Деко, да бидат дел од истрагата за Кочани, а главната и одговорна која била должна да провери која фирма сега раководи со деловниот објект да биде поштедена?“, праша Костовски.
СДСМ постави уште неколку прашања во врска со економското работење на дискотеката:
„Зошто Јованова не проверила дали фирмата која била казнета има никаква економска активност? И ако проверила, зошто тогаш соодветно не ја казнила компанијата ’Мммм кафе’ ДООЕЛ Кочани која стопанисувала со дискотеката ’Пулс’ кобната вечер? Дали Јованова земала дел од колачот на газда Деко?“.
Тој, исто така, праша како Јованова дозволила и натаму да работи „Мммм кафе“ ДООЕЛ Кочани имајќи го во предвид фактот дека објектот само неколку месеци пред тоа бил казнет од УЈП за неиздавање на фискални сметки.
Костовски постави прашање и за тоа како е можно Јованова и раководството на МВР да дозволат со дискотеката „Пулс“, која имала илјадници посетители секоја недела, да стопанисува фирма со блокирана сметка која не може да обавува никаква економска активност.
Костовски нагласи дека блокирана сметка значи дека фирмата ги плаќала добавувачите, вработените и сите останати обврски нелегално, со „црни пари во кеш“.
Тој истакна дека Кочани не е милионски град за Јованова или било кој во МВР да не може да открие дека единствената дискотека во градот работи на црно, пере пари и го оштетува буџетот на државата.
СДСМ верува дека доколку МВР и сите надлежни институции навреме го детектирале криминалот во дискотеката „Пулс“, немало да биде загубен ниту еден млад живот.
Партијата упати повик до Обвинителството да спроведе независна истрага и да се ослободи од „стегите од власта“.
„Доколку имаат притисоци, закани или уцени од премиерот, Христијан Мицкоски или било кој државен функционер нека излезат и јавно нека споделат со јавноста! Народот ќе биде на ваша страна и ќе ве заштити!“, рече Костовски.
СДСМ најави дека нема да запре со „Вистината за Кочани“ сè додека нема правда за жртвите од пожарот во „Пулс“.
Вчера, портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска на прес-конференција праша зошто досега не е покрената истрага против актуелната началничка на ОВР Кочани, Марија Цветковска-Маневска.
Кузеска рече дека Цветковска-Маневска била личен избор на Панче Тошковски за началник на ОВР Кочани уште во техничката влада, што значи дека таа е на функција повеќе од една година пред трагичниот пожар.
Таа, исто така, го постави прашањето како е можно како началник на ОВР Кочани, Цветковска-Маневска да нема информации дека е издадена и се спроведува наредба спротивна на стандардната оперативна процедура во секторот со кој раководи.