СДСМ е факелот што го покажува патот кон излезот, порача Филипче на 31. Конгрес на партијата

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, денес во својот говор на 31. Конгрес на партијата што се одржува во Скопје ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ за предавство на националните интереси, најавувајќи борба во која ќе бидат разобличени лагите на власта и во која ќе понудат решенија за подобра иднина за граѓаните и државата. Во говорот, во кој доминираа реторички пораки, Филипче се осврна и на единството во партијата, нагласувајќи дека СДСМ е отворен за сите вистински социјалдемократи, а на оние кои, како што рече, се тројански коњи, им порача дека треба да заминат веднаш.

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, денес во својот говор на 31. Конгрес на партијата што се одржува во Скопје ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ за предавство на националните интереси, најавувајќи борба во која ќе бидат разобличени лагите на власта и во која ќе понудат решенија за подобра иднина за граѓаните и државата. Во говорот, во кој доминираа реторички пораки, Филипче се осврна и на единството во партијата, нагласувајќи дека СДСМ е отворен за сите вистински социјалдемократи, а на оние кои, како што рече, се тројански коњи, им порача дека треба да заминат веднаш.

Денешниот конгрес на СДСМ треба да даде и одговор за резултатите од последните локални избори, но и да понуди визија како партијата која е обременета со многу внатрешни проблеми и поделби, ќе излезе посилна.

Филипче во својот говор не се осврна на причините за резултатите од локалните избори, но затоа остро ја нападна власта за лошата економска политика, за меѓународната изолација, за напуштањето на евроинтеграциите, како и дека шурува со режими кои ги штитат интересите на Москва на Балканот, со инвестиции што не врзуваат за авторитарните режими.

Тој рече дека СДСМ секогаш низ историјата кога и да се спуштал мрак, кога и да завладеал страв, бил факелот што го покажува патот кон излезот.

„Така беше во деведесеттите, така беше во 2016, ви ветувам така ќе биде и сега“, рече Филипче додавајќи дека СДСМ добро знае што значи одговорност кон татковината.

„Другите ја гледаат Македонија како територија, како плен за владеење, ние ја гледаме како дом и затоа денес не стојам тука пред вас само како претседател на партија, стојам како човек кој со жалење гледа како се спушта една тешка оловна завеса над нашата татковина“, додаде тој посочувајќи дека се враќаат духови од минатото за кои мислевме дека сме ги победиле.

Денешниот конгрес на партијата тој го нарече собир за спас на македонското достоинство и за одбрана на она што е наше.

„Погледнете што се случува надвор, погледнете ја реалноста, не онаа од лажниот пи-ар на власта, туку онаа од фрижидерот на работникот“, рече Филипче, додавајќи дека овие речиси две години власт нан ВМРО-ДПМНЕ донеле „брутално отрезнување“.
„Ветија гордост, а не донесоа до питачки стап. Ветија реформи, а донесоа грабеж од епски размери. Донесоа тендери за своите блиски луѓе. Донесоа грабеж на европски пари од кои сега ние сите се срамиме“, рече Филипче.

Тој рече дека не станува збор само заа неспособност, туку и за „осмислен невооружен грабеж на државата“, посочувајќи дека 2 милијарди евра минус во Буџетот е „финансиско злосторство против иднината на децата“.

„Тие пари не исчезнуваат во воздух, тие се прелеваат во џебовите на нивната олигархија. Додека граѓаните ќе ја плаќаат сметката преку инфлацијата која им го јаде лебот“, рече Филипче.

Тој исто така се осврна и на последнта посета на премиерот Христијан Мицкоски на Светскиот економски форум во Давос, за која што оцени дека била туристичка.

„Додека народот се бори за корка леб, каде е премиерот во Давос, глумии светски лидер, прави селфија по ходници, затоа што пет дена не направи ниту една средба. Човекот беше турист, и ова не е хипербола. Додека дома државата пука по сите шавови, Мицкоски тера скап туризам платен со народни пари“, рече Филипче.

Тој обвини дека државата е во дипломатска изолација, како и дека европскиот пат е блокиран, а владата нема план.

„Европа не отпиша, Америка не не запишува“, рече Филипче додавајќи дека наместо во периметарот на САД, со Мицкоски завршивме надвор од кружницата наречена Европа.

„Вакво дипломатско лудило и конфузија не се оправдува. Ова е предавство на националните интереси, кое ќе го паметат многу следни генерации“, рече Филипче.

Според лидерот на СДСМ, единствениот план на ВМРО-ДПМНЕ е да бидеме во „калта на Балканот“, за да може да владеат без правила, без европски судови, без контрола.

„Кога беше СДСМ на власт, Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ велеа дека сме биле потчинети на Европа. Тој ќе ја враќаше гордоста. Што добивме? Добивме влада која што е целосно потчинета, уценета и купена со кеш и проекти, од Вучиќ и Орбан. Ја сведоа државата на последната дупка на Балканот со премиер кој не смее потпис да стави на ниедна одлука без одобрување од неговите газди. Кој вистински нема кичма? Оние кои носеа државнички одлуки за европска Македонија, или оние кои подизведувачи на авторитарните влади на Балканот“, праша Филипче.

Според него има уште нешто пострашно што се подготвува, а тоа се планови кои се кројат далеку од очите на јавноста за прифаќање на мигранти од Западна Европа. Тој рече дека власта сака да ја претвори Македонија во „карантин зона, во тампон зона за туѓи проблеми“, само за да добијат тапкање по рамо и кредит од 6 милијарди евра.

„Тое е врвен чин на предавство на сопствениот народ“, рече Филипче, порачувајќи дека СДСМ нема да дозволи Македонија да стане „логор за туѓи геополитички поткусурувања“.

Тој исто така додаде дека ја откриле „оската со Србија и Унгарија“, односно, како што го нарече, „сојузот со Орбан и Вучиќ“ каде што се застапуваат антиевропски и се поддржуваат проруски ставови што не доведоа до тоа да сме на листата на Америка со земји од Третиот свет.

„Таа оска ги штити интересите на Москва на Балканот, со инвестиции што не врзуваат за авторираните режими“, рече Филипче.

Освнувајќи се на плановите на СДСМ, Филипче рече дека нивната платформа и програма е договор со секој граѓанин.

„Ние нудиме економија на достоинство, економски патриотизам, економски модел во кој централна фигура е човекот и неговите потреби“, рече тој посочувајќи дека економска стратегија се фокусира на тоа како парите кои ги плаќаат граѓаните во буџетот, да се вратат повторно кај нив преку повисоки плати, подобро образование, подобро здравство, повисоки пензии…

СДСМ, како што нагласи, се залага не само за минимална плата туку за достоинствена плата за живот, за „систем каде што профитот не е забранет, но алчниоста е оданочена“.

Во однос на младите, Филипче рече дека држава треба да биде дигитален центар, а не извозник на евтина работна сила или на кративни млади умови.

„Ако можат да работат за странски компании, нека работат од тука, но во европски услови за кои ние ќе гарантираме“, рече Филипче.

За пензионерите рече дека ќе престане милостината пред избори и дека ќе има гарантиран раст на пензиите кој ја следи инфлацијата, за да не мора да бираат „помеѓу лекови и храна“.

На работниците им порача дека СДСМ ќе биде штитот кој ќе ги брани од самоволието на газдите, кои сегашната власт ги штити.

„Повеќе од било кога ни е потреба социјална држава, а таква може да обезбеди само СДСМ. Ние нудиме европска Македонија. реформирано судство, современи болници, училишта кои создаваат умови, а не послушници. Тоа е социјалдемократијата на 21 век“, рече Филипче нагласувајќи ја грижата и солидарноста со обичните граѓани. „Гарантираме вистински патриотизам, а не сиров национализам кој значи само лаги, лажна гордост и чукање во гради. Патриотизам кој значи подобрување на сите аспекти на живеењето и кој води смета за сите“, додаде тој.

Но, за да се победиме, како што рече, „ова зло надвор, мора да бидеме челични внатре“.

Притоа, нагласи дека не успеале плановите на ВМРО-ДПМНЕ за разбивање на СДСМ – преку ново здружение, ново движење, нова екипа, дури и нова партија со тројански коњи што ги започнаа сопартијци што седат на две столици и работат за интересите на власта. Првиот напад според Филипче,се случи во 2021 година со движењето ЗНАМ, а сега планот е повторно ист.
„ВМРО сака контролирана опозиција во Македонија, да се подели и да се раситни за да може само тие да го контролираат. Со ЗНАМ успеаја, но сега јасно и гласно кажувам планот нема да ви успее“, рече Филипче порачувајќи дека СДСМ излегува посилен, подобар и покомпактен.

Тој нагласи дека вратите на СДСМ се ширум отворени за секој чесен социјалдемократ, за секој работник, за секој интелектуалец, кој и мисли добро на државата.

Тој упати и порака до оние кои мислат дека може да седат на две столчиња, да бидат во СДСМ, а да работат за интересите на власта или да формираат фракции, нови движења и сето тоа само за нивни лични интереси.

„Тоа време завршува денес, ставаме точка на разединувањето. СДСМ не е пазар за пазарење функции, СДСМ е армија на вредности“, рече Филипче порачувајќи дека оние кои сакаат да се борат рамо до рамо со нив се добредојдени, но оние кои планираат да ги поткопуваат од внатре и да бидат тројански коњ на ВМРО или на други, им рече да заминат веднаш.

„Или сме заедно во оваа битка за живот и смрт на демократијата или сме ништо“, рече Филипче, најавувајќи дека веќе од утре СДСМ ќе биде на терен, ќе чукне на секоја врата, не да молат за гласови туку да ја разбудат Македонија и да им кажат на граѓаните за долгот од 2 милијарди евра, за новиот заем од 6 милијарди евра кој ќе го враќаат многу следни генерации, за изолацијата од Европа и од Америка поради корупцијата и пљачката, за предавството на националните интереси, за мигрантите…