
СДСМ достави документи до Антикорупциска за тендерот за полициски униформи
Опозициската СДСМ денеска на Антикорупциската комисија ѝ достави документи за контроверзниот тендер за шиење на униформи за специјалните полициски сили, на кој беа избрани едно модно студио од Битола со две шивачки и една набрзина отворена фирма на компанија од Србија.
Опозициската СДСМ денеска на Антикорупциската комисија ѝ достави документи за контроверзниот тендер за шиење на униформи за специјалните полициски сили, на кој беа избрани едно модно студио од Битола со две шивачки и една набрзина отворена фирма на компанија од Србија.
„Секој ден власта ја тресат корупциски скандали. Буквално смрди на корупција во врвот на власта. Последен е скандалозниот тендер во МВР од 4 милиони евра кој го добива и фирма основана 20 дена пред распишување на тендерот.
Фирма без искуство, без капацитет, а вчера видовме и дека е без седиште. Фантом фирма ли е? Како е можно ваква фирма да добие тендер за специјализирана опрема за полицијата?“, изјави портпаролката на партијата Богданка Кузеска пред седиштето на ДКСК, велејхчи дека скандалот е поврзан со министерот Панче Тошковски.
„Чии интереси стојат зад овој тендер вреден 4 милиони евра? ДКСК мора да отвори предмет, да ги истражи сите факти и конечно – да обезбеди одговорност. Време е ДКСК да покаже дека не се неми набљудувачи на криминалот, туку бранители на јавниот интерес“, рече Кузеска.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека СДСМ е против опремување на полицијата со униформи и нагласија: „Тендерската постапка за набавка на униформи за специјалните единици е спроведена согласно сите законски прописи, имајќи го предвид интересот на министерството, водејќи се од квалитетот и најниската цена, а исто така овозможувајќи фер пристап за поголема конкуренција.
Друга важна компонента на договорот е рамковната спогодба која не предизвикува директна финансиска обврска за министерството, што значи дека исплатата ќе се прави согласно потребите и динамиката на испорака на униформите“.